„Одисеј“ слета на месечината

илустрација

Сондата „Oдисej Нова-Ц“ на американската компанија „Интуитив машинс“ слета на Месечината, соопшти фирмата со седиште во Хјустон, Тексас, Соединети Држави.

Уредот ги испрати и првите снимки од најблиското вселенско тело.

„Можеме без сомнение да потврдиме дека нашата опрема е на површината на Месечината и дека пренесуваме сигнал“, изјави претставникот на компанијата во видеото во живо.

„Нова-Ц“, којашто носи и научно-истражувачки инструменти од вселенската агенција НАСА, беше лансирана минатата недела од Флорида, а во средата влезе во орбитата на Месечината.

Спуштањето траеше околу еден час, а вселенското летало беше на површината на нашиот природен сателит доцна синоќа.

Видете и ова: НАСА ќе лансира ракета на пробен лет до Месечината

Целта на „Интуитив машинс“ е да биде првата приватна компанија со успешно слетување на Месечината.

Ова е прво американско слетување на Месечината по крајот на програмата Аполо од пред повеќе од 50 години. Досега само САД, Советскиот Сојуз, Кина, Индија и Јапонија успеале да слетаат на Месечината.

Приватна компанија досега не успеала во ваков потфат.