Људмила Навалнаја, мајка на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални,
изјави дека инспекторите ѝ дозволиле да го види телото на нејзиниот син доцна во средата на 21 февруари во арктичкиот град Салехард, откако на 16 февруари тој почина во затворот „Поларен волк“ каде издржуваше 19-годишна затворска казна поради обвинение за екстремизам.
Во видео изјава, Навалнаја рече дека потпишала потврда за смртта, но дека властите продолжуваат да го чуваат телото на нејзиниот син.
Навалнаја рече дека поминала 24 часа во директоратот на Истражниот комитет во Салехард и била донесена во мртовечница во Салехард каде што го видела телото на нејзиниот син за прв пат откако неговата смрт беше објавена во јавноста на 16 февруари.
Навалнаја рече дека била донесена во мртовечница „тајно“ и додека таму ја потпишала потврдата за смртта, нагласувајќи дека властите го прекршуваат законот со тоа што не ѝ го даваат телото на нејзиниот син и „поставувајќи услов каде, кога и како Алексеј треба да биде погребан“.
Властите во нејзино присуство „добиваа команди или од Кремљ или од централната канцеларија на Истражниот комитет“, рече Навалнаја.
„Тие сакаат погребот да се изврши тајно без никакви проштални церемонии“, додаде таа во видеото. „Тие сакаат да ме доведат до работ на гробиштата и да ми кажат: „Еве каде почива твојот син. Не се согласувам со тоа“.
Навалнаја рече дека сака погребот на нејзиниот син да биде јавен за да можат сите негови поддржувачи да се збогуваат со него.
„Го снимам ова видео затоа што почнаа да ми се закануваат, ме гледаат во очи и велат дека ако не се согласам со тајниот погреб, ќе направат нешто лошо со телото на мојот син.... Не сакам никакви услови. Само сакам се да се направи во согласност со законот. Барам веднаш да ми го дадат телото на мојот син“, изјави Навалнаја.
Навалнаја се обидува да добие пристап до телото на нејзиниот син откако беше објавена неговата смрт во затвор со специјален режим, најстрогиот тип на казнено-поправни установи во Русија. Затворските власти соопштија дека 47-годишниот Алексеј Навални починал откако колабирал додека бил на дневна прошетка надвор од својата ќелија.
На 21 февруари Навалнаја поднесе тужба до рускиот суд барајќи ослободување на телото на нејзиниот син. Расправата за жалба зад затворени врати треба да се одржи на 4 март.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Вдовицата на Навални, Јулиј Навалнаја, го обвини Путин дека го убил нејзиниот сопруг и ги обвини функционерите дека „кукавички и гнасно го криеле неговото тело, одбивајќи да ѝ го дадат на мајка му и мизерно лажеле“.
Кремљ ги отфрли сите обвинувања за вмешаност или последователно прикривање на смртта на најгласниот критичар на Путин.
Откако беше објавена неговата смрт, руската полиција ги опколи меморијалните места каде што луѓето положуваа цвеќиња и свеќи во чест на Навални и растераа и уапсија стотици луѓе во десетици градови.
Организацијата ОВД-Инфо објави дека од 21 февруари 397 лица во 39 градови во Русија се приведени поради учество на настаните во спомен на Навални.