Настаната е апсолутна застареност на кривичното гонење во предметот „Моќник“, во кој меѓу обвинетите беше Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој се товареше дека со користење на својата положба поттикнувал да биде лустриран судија во Кичево, во случај за нелегална продажба на имот и објект што го користела општина Пласница.
„Обвинителство во фаза на завршни зборови направи преквалификација на делата за преостанатите тројца обвинети за случајот „Моќник“, по што Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која обвинителниот предлог се одбива заради настаната апсолутна застареност на кривично гонење“, соопшти Основиот Кривичен суд - Скопје.
Со тоа ослободени од обвинение се и првообвинетиот Милош Милошоски, поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески кој беше второобвинет и третообвинетиот Антонијо Милошоски.
Трошоците на постапката паѓаат на товар на буџетот на државата.
Видете и ова: Уставен суд ја отфрли иницијативата на Милошоски за „Моќник“Претходно во октомври минатата година, по измените на Кривичниот законик, Судот донесе решенија со кои за 10 обвинети во случајот „Моќник“ постапката се запира заради застареност, додека за тројцата обвинети Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонијо Милошоски судењето за кривичното дело „измама“ продолжи.
„Моќник“ е случај што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство(СЈО), а истрагата ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи.
Според обвинението, во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница.