Актуелниот закон за здравствено осигурување не дозволува промена на правилниците, дури и ако управниот одбор ги изгласа промените и за тоа добие согласност и од Министерството за здравство, тоа нема да биде возможно бидејќи треба да се смени Законот за здравствено осигурување, рече на денешниот брифинг со новинарите директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска Грашковска, образложувајќи зошто Фондот го одби барањето да го покрие лекувањето во Австрија на 18-годишниот Леонид Индов.
Грашковска објасни дека согласно актуелните правилници предвидени со Законот за здравствено осигурување, осигурениците се упатуваат на лекување во странство доколку во барањето за негов транспорт докторите навеле одредена конкретна интервенција која пациентот треба да ја добие, а таа не е достапна во земјава.
Од Фондот објаснуваат дека во конкретниот случај станувало збор за „медицинска рехабилитација“, па согласно тоа, тие немале друг избор освен да го одбијат барањето.
Директорката на ФЗОМ објасни дека ваков тип рехабилитации ниту во други случаи Фондот не ги покрива, а објасни дека тоа е случај и за некои естетски хируршки интервенции, за кои исто така не се одобруваат средства.
Грашковска потенцираше и дека ниту во профактурата од Австрија, во однос на тоа каков третман таму треба да прима Леонид, не била наведена конкретна интервенција, туку станувало збор за медицинска рехабилитација, а согласно актуелниот закон овие пациенти не се упатуваат во странство.
Видете и ова: И кога животот виси на конец Фондот се држи за правилници стари 20 годиниНа новинарско прашање дали може со законски измени и во случаи кога е потребна медицинска рехабилитација, а истата нема услови да се спроведува во земјава, да постои можност пациентите да се испраќаат во странство, Грашковска рече дека тоа е возможно, но отвора нов проблем.
„Зошто да не би имало интерес да го промениме законот? Но, за тоа да се случи мора да се има предвид дека фондот ќе треба да добие многу повеќе пари, односно ќе треба да зборуваме за целосна промена на системот на финансирање во здравството. Ние веќе имаме состанок со СЗО, каде зборувавме дека се потребни промени за начинот на финансирање на здравствениот систем во државата и во наредниот период ќе доставуваме такви иницијативи“, истакна Грашковска.
Во конкретниот случај, за Леонид да биде испратен во странство, родителите имаат право на жалба, која во рок од 15 дена треба да се испрати до Фондот, а во која за таа да биде одобрена, повторно, како што нагласи Грашковска, ќе треба да биде наведена „конкретна интервенција која ќе ја добие пациентот, согласно медицина базирана на докази, односно лекување“.
Грашковска објасни и дека во случајот за Леонид, не било наведено дека тој се наоѓа во „животнозагрозувачка состојба“, па поради тоа рокот за поднесување жалба е 15 дена, а не 24 часа како што е случај со итните пациенти.
Од друга страна пак, заменик-министерката за здравствоМаја Манолева, спротивно на тврдењата на семејството на 18-годишниот Леонид Индов, денеска во изјава за медиумите рече дека родителите не ги исцрпиле сите механизми дома, односно дека не побарале мислење дали е можно лекувањето или рехабилитацијата да се заврши кај нас, туку веднаш побарале тој да се испрати во Австрија.
„Детето за кое вчера и денеска се дискутира воопшто нема побарано, односно родителите немаат побарано никакво мислење од соодветна институција за можноста или неможноста за завршување на рехабилитацијата или лекувањето на тоа дете во нашите установи. Така да, сметам дека треба прво да се изоди тој пат, па да ја прегледаме целата медицинска документација, да го видиме клинички пациентот и дури потоа стручниот колегиум на соодветните клиники да даде свое мислење и да каже дали има или нема можност за продолжување на лекувањето или рехабилитацијата во нашите институции“, истакна Манолева.
Видете и ова: Пациенти отсега ќе се транспортираат и со медикоптерТаткото на Леонид, Бранко Индов, во изјава за „Слободен печат“ рече дека тие се одлучиле да побараат лекување во странство, откако им било кажано дека Леонид не може да биде излекуван во некоја од нашите клиники.
„За Леонид долго време се обидувавме да добиеме донации да го однесам на лекување. Тој дише на респиратор и во октомври бевме на КАРИЛ. Од октомври го префрливме во „Жан Митрев“ и сите доктори и стручни лица кажаа дека толкаво е знаењето во Македонија и мора да го носиме во странство. Најдов установа во Австрија која во таква состојба би го примила. Таму најдов разбирање и не морав целата сума да ја платам одеднаш за да можам да собирам полека финансии“, вели Бранко, додавајќи дека е добро тоа што Леонид го префрлиле од КАРИЛ во „Жан Митрев“, бидејќи како што истакнува, на тој начин го „спасиле од сигурна смрт“.
Инаку, осумнаесетгодишниот Леонид Индов летото 2023 година доживеа тешка несреќа на летување во Грција што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок. Тој е ученик во математичко-информатичката гимназија во Скопје и сега требаше да биде четврта година. Има повеќе интернационални успеси, а добил и прво место на меѓународен натпревар НАСА за развој на апликации.
Леонид на 6 февруари со хелихоптер на МВР беше транспортиран од земјава во Австрија, а во ситуација кога Фондот одби да одобри пари за негово лекување, граѓаните се мобилизираа да ги соберат потребните 140. 000 евра за 18-годишното момче да го продолжи престојот во рехабилитацискиот центар во Виена.