Максим Димитриевски ќе се кандидира за претседател на Северна Македонија

Максим Димитриевски, претседател на ЗНАМ

Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник на општина Куманово и претседател на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ влегува во претседателската трка, најави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ на денешната прес-конференција.

Одлуката ја донел Извршниот одбор на ЗНАМ и му ја предложил на Првиот конгрес на партијата.

„На овие избори граѓаните за првпат ќе имаат можност да го дадат својот глас за одредена опција, а не како досега да гласаат против. Крајно време да се случи вистинската промена на политичката сцена. Нашата анализа покажува дека Димитриевски ќе влезе во вториот круг, за потоа да имаме и конечна победа. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат кандидатурата на Димитриевски во општинските канцеларии на ДИК“, рече Мемов.

Од утре почнува постапката за собирање потписи за кандидатурата на Димитриевски.

Видете и ова: Партиите нови, амбициите големи

Претходно, професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска-Давкова најави дека ќе биде претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а Али Ахмети кажа дека кандидат за претседател на ДУИ ќе биде Бујар Османи.

Во меѓувреме, извесно е дека актуелниот претседател Стево Пендаровски ќе биде претседателски кандидат на СДСМ на претстојните избори.

Претседателски кандидатури објавија „Левица“ со професорката од Филозофскиот факултет во Скопје, Билјана Ванковска, партијата ГРОМ со лидерот Стевче Јакимовски, како и Арбен Таравари со здружената албанска опозиција.

Независна кандидатура најави и докторот Вело Марковски.

Видете и ова: Пендаровски и Силјановска-Давкова влегуваат во претседателската трка?

За претседателска кандидатура се потребни потписи од 30 пратеници или 10.000 потписи од граѓани.

Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април. На 8 мај, во ист ден ќе се одржат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.