Силјановска-Давкова: Време е за женска димензија во политиката

Гордана Давкова-Силјановска

Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова потврди дека е кандидат за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ. Таа изјави дека ќе се однесува кон граѓаните како кон луѓе, како кон индивидуи, припадници на различни заедници. Доколку стане претседателка, посочи, нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.

Една од причините за нејзино кандидирање, како што напомена, е резултатот од минатите избори.

„Зошто се кандидирам? Од објективни и од субјективни причини. Објективните се резултатот од минатите избори. Големо признание е кога ќе добиете околу 380 илјади гласови, и тоа не само од партиските членови и симпатизери, туку и од граѓаните. Имам намера да собирам и 10 илјади потписи, бидејќи мислам дека траба рамноправна да бидам со сите други и се разбира, да повикувам повторно од оние кои не се во политиката или не се идеолошки и партиски определени“, додаде Силјановска-Давкова.

Таа посочи дека ќе се залага за создавање на граѓански канцеларии. Тоа е, како што посочи, институт којшто се практикув во САД и во другите држави. Според Силјановска-Давкова, време е за женска димензија во политиката, време е за консензус без оглед на партиска, етничка, верска и друга припадност.

„Мислам дека треба во овој регион и особено во Македонија навистина да дојде времето на жените. Одговорно тврдам дека ќе ги почитувам различностите, но ќе се опкружам со жени во сите прилики на сите места, затоа што видовме дека кога на клучни функции има жени, а тие помалку учествувале секаде и се помалку одговорни се за ова што му се случува на светот, тогаш се можни промени. Најмаргинализираните групи ќе бидат пред мене и последната реченица – без владеење на правото, без радикални промени во системот на вреднување ние нема да исчекориме напред“, посочи Силјановска-Давкова.

Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК.

Видете и ова: Османи е претседателскиот кандидат на ДУИ, Ахмети бара и потпретседател на државата

Во меѓувреме, извесно е дека актуелниот претседател Стево Пендаровски ќе биде претседателски кандидат на СДСМ на претстојните избори. И од ДУИ објавија дека нивен претседателски кандидат ќе биде актуелниот министер за надворешни работи Буар Османи.

На гласачкото ливче за претседателските избори претендира да се најде и Стевчо Јакимовски, кој вчера (21 февруари) официјално ја објави кандидатурата.

Покрај имињата кои излегоа вечерва, претходно кандидати објавија и од албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени, кој застана зад актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, како и партијата Левица која ќе ја кандидира професорката од Филозофскиот факултет во Скопје, Билјана Ванковска. Независна кандидатура најави и докторот Вело Марковски.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот на 8 мај. Заедно со вториот круг, ќе се одржат и парламентарни избори.