Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано на 21 февруари на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) напиша дека Европската унија ја осудува одлуката на Русија да ја прогласи Радио Слободна Европа за „непожелна организација“.
Стано тоа го нарече уште еден напад „на слободата на медиумите, изразувањето и пристапот на граѓаните до плурализмот на информациите“.
„Русија треба да ги укине своите закони за ’непожелни‘ и ’странски агенти‘ кои се користат за потиснување и задушување на критичките гласови“, напиша Стано.
На 20 февруари Русија ja означи назначи Радио Слободна Европа (Радио Слободна Европа/Радио Слобода – РСЕ/РЛ) како „непожелна организација“, според регистарот на руското Министерство за правда.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Така, Русија ги изложи на кривични пријави новинарите и соработниците на РСЕ, донаторите или интервјуираните од РСЕ.
Претседателот на Радио Слободна Европа Стивен Капус рече дека ознаката е најнов пример за тоа како руската влада го гледа вистинитото известување како егзистенцијална закана.
Законот за „непожелни организации“ е донесен во 2015 година, а се однесува на невладини и други кои добиваат средства од странски извори.
Московскиот суд прогласи банкрот на работење на РСЕ во Русија, откако компанијата одби да плати повеќекратни казни во вкупна вредност од над 1 милијарда рубљи (14 милиони долари) за кршење на таканаречениот закон за странски агенти.
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина и воведе воена цензура во март 2022 година, рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор ја блокираше веб-страницата на Радио Слободна Европа во таа земја.
Радио Слободна Европа е уредувачка независна медиумска компанија финансирана со грант од Конгресот на САД преку американската Глобална медиумска агенција.
Дистрибуира информации на 27 јазици во 23 земји каде слободата на медиумите е ограничена или професионалното новинарство е недоволно развиено.