На 21 февруари, украинскиот премиер Володимир Зеленски ги покани полските лидери и претставници на Европската унија (ЕУ) да дојдат на полско-украинската граница на разговори за блокадите од полските фармери лути на, како што велат, нелојалната конкуренција од Киев.
Полските земјоделци ден претходно организираа голем протест, блокирајќи го речиси целиот сообраќај на границата со Украина, што го налути Киев.
Варшава цврсто го поддржува Киев во неговата борба да ја одбие руската инвазија започната во 2022 година. Но, протестите на фармерите ги заострија тие односи, пренесува Ројтерс.
Видете и ова: Протест на чешките земјоделци во Прага„Доста ни е од недоразбирања. Не треба да се понижуваме едни со други, не треба да ги понижуваме ниту украинските, ниту полските земјоделци. Ни треба единство. Ни требаат решенија – меѓу нас, Украина и Полска и на ниво на цела Европа“, се вели во соопштението на Зеленски.
Од кабинетите на полскиот премиер Доналд Туск и претседателот Анджеј Дуда, досега немаше коментари.
Зеленски додаде дека Украина не може да прифати појава на пораки за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин на протестите, откако еден таков транспарент беше истакнат во вторникот.
Полска соопшти дека го истражува истакнувањето на про-Путин транспарент на кој пишува „Путин – поправете ја Украина, Брисел и нашата влада“ во близина на границата со Чешка.
Видете и ова: Полските земјоделци на протест, добија поддршка и од ВладатаПолското Министерство за надворешни работи во соопштение на 21 февруари соопшти дека „со најголема загриженост ја забележува појавата на антиукраински пораки кои го величаат Владимир Путин и војната што тој ја води за време на неодамнешните земјоделски блокади“.
„Сметаме дека ова е обид за преземање на организацијата на протестите во земјоделството од страна на екстремни и неодговорни групи, веројатно под влијание на руски агенти“, се вели во соопштението.
Полските земјоделци блокираа осум главни патишта на 21 февруари.
Полицијата соопшти дека протестите продолжиле на граничните премини кон Украина, но патничкиот сообраќај не бил блокиран, а се пропуштале и некои камиони.