Актуелниот претседател Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, според информации од партиите, е извесно дека ќе бидат претседателски кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори.
И шефот на дипломатијата Бујар Османи, според неофицијални информации што објавија дел од медиумите, влегува во претседателската трка како кандидат на ДУИ.
Кандидатура вечерва официјално, пак, објави актуелниот градоначалник на Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Поддршка за Пендаровски за втор мандат денеска (21 февруари) попладне на состанок дало раководството на СДСМ, информирале партиски извори за државната агенција МИА.
Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата, а наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери. На 3 март, пак, се очекува да се одржи и официјалната промотивна конвенција.
„Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалициски капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визија за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани“, велат од СДСМ во изјавата што ја пренесува МИА.
Видете и ова: В петок почнува собирањето потписи за претседател и пратенициВо ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска заврши огласот за пријавување кандидати. Како што потврдија од партијата, Гордана Силјановска-Давкова е единствената која се пријавија и поднела план, програма за работа и потписи од партиски делегати.
„За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на РМ која ќе се одржи на 02 март 2024 година“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Имињата на Пендаровски и Силјановска-Давкова изминатиот период се споменуваа како најизвесни кандидати на двете најголеми партии во земјава. Двајцата се соочија и во претседателската трка во 2019 година.
Дел од медиумите неофицијално објавија дека и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, ќе биде кандидат на ДУИ.
И неговото име претходно се споменуваше како кандидат на интегративците. Од партијата, пак, официјално најавија дека лидерот Али Ахмети утре (22 февруари) во директен пренос на неговата страница на Фејсбук ќе ја соопшти „големата вест“.
Видете и ова: Арбен Таравари е претседателскиот кандидат на албанската опозицијаНа гласачкото ливче за претседателските избори претендира да се најде и Стевчо Јакимовски, кој вечерва (21 февруари) официјално ја објави кандидатурата.
„Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) одлучи да ме предложи за кандидат за претседател на Република Македонија. Имајќи го предвид моето долгогодишно искуство, годините кои ги имам зад себе, белата коса, резултатите кои во моето дејствување сум ги направил и секогаш јасните политички ставови што сум ги изразувал, им даде за право на моите колеги да ме предложат за оваа, за мене, најбитна функција во Република Македонија. Мојата кандидатура не е алтернатива на постоечките, туку сметам дека треба да биде решение да напуштиме еден период во кој одиме постојано по едната или другата партија и на крајот повторно доаѓање до истиот резултат, а тоа е разочараност“, изјави Јакимовски.
Јакимовски, како и останатите кандидати за да се најдат на гласачкото ливче, во наредниот период ќе треба да соберат 10 000 потписи од граѓани. Рокот за собирање потписи започнува в петок, 23 февруари и ќе трае до 8 март. Другата опција, освен граѓански потписи, е поддршка од 30 пратеници во Собранието, бројка која во актуелниот парламентарен состав ја имаат само пратеничките групи на коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај имињата кои излегоа вечерва, претходно кандидати објавија и од албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени, кој застана зад актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, како и партијата Левица која ќе ја кандидира професорката од Филозофскиот факултет во Скопје, Билјана Ванковска.
Видете и ова: Билјана Ванковска е претседателски кандидат од ЛевицаНезависна кандидатура најави и докторот Вело Марковски.
Свој претседателски кандидат се очекува наредните денови да објави и партијата Нова алтернатива чиј претседател од неодамна стана градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која изјави дека таа лично нема да биде претседателски кандидат, туку носител на листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1. Предлог кандидат утре (22 февруари) треба да објави и партијата ЗНАМ - За наша Македонија на Максим Димитриевски.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот на 8 мај. Заедно со вториот круг, ќе се одржат и парламентарни избори.