Фон дер Лајен вети поддршка за Западен Балкан ако биде реизбрана за шефица на ЕК

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 21 февруари 2024 г.

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, најави дека во евентуален втор мандат, меѓу другото, ќе се залага за процесот на проширување и финансиска помош од Европската унија (ЕУ) за земјите на Западен Балкан, познат како План за раст.

„Отсекогаш сум бил силен поддржувач на проширувањето, додека јасно ставам до знаење дека тоа е процес заснован на заслуги и продолжувам да инсистирам на тоа. Добро е да се видат земјите од Западен Балкан, но и Молдавија и Украина како прават се што е можно да ги постигнат потребните реформи и да одат напред на патот кон ЕУ“, рече таа.

Таа додаде дека ќе има „силна поддршка за проширување на Западен Балкан“.

Зборувајќи за Планот за раст кој беше претставен во ноември минатата година, Урсула фон дер Лајен нагласи дека се во процес на детална разработка на Планот за раст со шесте земји од Западен Балкан.

Видете и ова: Фон дер Лајен ја најави кандидатурата за втор мандат во ЕК

„Има голем интерес и многу ентузијазам во земјите од Западен Балкан. Значи, во моментот кога ќе ги исполниме основните услови, првата исплата може да тече“, рече претседателката на ЕК.

Планот за раст беше претставен од Европската комисија во ноември минатата година со цел да се удвои економијата на регионот во следните десет години. Финансиските ресурси се условени со напредокот во клучните демократски реформи.

Урсула фон дер Лајен е претставена како водечки кандидат на Европската народна партија (ЕПП) за нов петгодишен мандат. Тоа го претстави Манфред Вебер, шефот на оваа централнодесничарска европска политичка групација, која е и најголема пратеничка група во Европскиот парламент.

Според принципот познат како „Водечки кандидат“ (шпицен кандидат), европските политички групи го објавуваат својот кандидат за претседател на ЕК во пресрет на изборите за Европскиот парламент.

Партијата што ќе го освои мнозинството места во Европскиот парламент потоа бара нивниот кандидат да го заземе местото на чело на Комисијата.

Но, тоа зависи и од тоа лидерите на земјите-членки кои го избираат претседателот на Европската комисија, што потоа го потврдуваат мнозинството пратеници во Европскиот парламент.

Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен Балкан

Европските избори во 27 земји членки ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава.

Инаку, на почетокот на неделава Фон дер Лајен веќе ја потврди намерата да се кандидира, по неколкумесечните шпекулации за нејзината политичка иднина.

Таа рече и дека дури и да добие нов мандат, ќе продолжи силно да ја поддржува Украина и нема да соработува со пријателите на рускиот претседател Путин, ниту со оние кои се против ЕУ и НАТО.