Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, кој е на листата на санкции на САД и Велика Британија, на 21 февруари се сретна со претседателот на Русија Владимир Путин во Република Татарстан, која е дел од Руската Федерација, јавува Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).
Како што е соопштено од јавниот сервис, Додик му рекол на Путин дека Република Српска одбива да се приклучи на западните санкции против Русија и оти не сака да влезе во НАТО.
„Ги потврдуваме добрите односи што Република Српска ги има и ги негува кон руската држава и кон вас. Она што го правиме во сегашните околности е дека отфрламе секаква можност за приклучување на западните санкции против Русија“, рекол Додик.
Новинската агенција Срна пренесува дека Путин рекол оти посетата на Додик ќе биде „корисна“, и дека му е благодарен што одржува редовни контакти.
Видете и ова: Почна судењето против Милорад Додик поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ„Редовно не посетуваат претставници на раководството на Република Српска. Ние соработуваме со вас на различни полиња. Сигурен сум дека и оваа ваша посета ќе биде корисна и дека ќе успееме да го искористиме времето за да разговараме за билатералните односи во низа области“, рекол Путин.
На почетокот на средбата Путин најави дека има намера да разговара со Додик за билатералните односи, за ситуацијата во Република Српска и посочи дека „Русија знае дека ситуацијата не е едноставна“.
Поради руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари 2022 година, САД, Европската унија, Велика Британија и нивните сојузници воведоа низа санкции против Русија кои, меѓу другото, се насочени кон економијата и финансискиот систем.
Ова е четврта средба на Додик со Путин од почетокот на руската инвазија на Украина и нивен десетти разговор од 2014 година.
Додик и Путин последен пат се сретнаа во мај 2023 година, кога Додик рече дека „Република Српска останува проруска, антизападна и антиамериканска“.
Од Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во БиХ, по повод средбата на Додик со Путин, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека „БиХ се обврза да ги следи безбедносните и надворешнополитичките насоки на ЕУ“, како земја кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Ова ја исклучува соработката со земјите кои се под санкции, како и личните средби со шефовите на тие земји“, посочува ОХР.
Претседателот на Република Српска е еден од ретките функционери кои се среќава со руски и белоруски официјални претставници од почетокот на руската инвазија на Украина.
Тој пристигна во Казан, главниот град на Татарстан, по дводневната посета на Белорусија, каде на 19 февруари се сретна со претседателот на земјата Александар Лукашенко, кој беше санкциониран од Европската унија во 2020 година поради изборни нерегуларности во кои тој владееше речиси три децении.
Во главниот град на Татарстан се одржува високотехнолошки и мултиспортски турнир на меѓународно ниво, наречен „Идни игри“, на кој се собираат околу две илјади учесници.
Видете и ова: Средба Додик - Лукашенко во МинскПроруската реторика и блискоста со руските лидери не покажуваат никаква конкретна корист за Република Српска. Инвестициите од 27-те земји-членки на блокот на ЕУ сочинуваат 64 отсто од вкупните странски инвестиции во БиХ, додека руските инвестиции изнесуваат помалку од четири отсто.
Во Република Српска, Русија е петта на листата на инвеститори, зад соседните Србија, Италија, Австрија и Велика Британија.
Неколку големи проекти, кои Владата на Република Српска ги започна во овој ентитет со руски компании и олигарси, доведоа до повеќемилионски загуби.
Меѓу нив се неуспешната ревитализација на фабриката Бирач во Зворник, со компанија на рускиот олигарх Владимир Романов, неуспешната изградба на термоцентралата Угљевиќ и хидроцентралата „Мрсово“ на реката Лим во општина Рудо, како и продажбата на нафтената индустрија во овој субјект на руската државна компанија Зарубрежнефт.
Најсилното упориште на Русија во Босна и Херцеговина е во нафтената индустрија, поточно, во Групацијата Оптима, најголемата нафтена компанија во Босна и Херцеговина, во сопственост на Зарубежнефт, руска државна компанија задолжена за нафтените операции во странство.