Сирија соопшти за израелски напад на станбена зграда во Дамаск

Сириската државна телевизија објави дека неколку проектили го погодиле западниот дел на областа Кфар Суса, Дамаск, Сирија, во средa, 21 февруари 2024

Во воздушен напад беше погоден кварт на сириската престолнина, при што загинаа две лица, јави сириската државна телевизија, наведувајќи дека нападот го извршил Израел.

Засега нема потврда од Израел за нападот.

Сириската државна телевизија јави дека неколку проектили ја погодиле западната населба Кфар Суса. Провладината радио станица Шам ФМ соопшти дека нападот погодил зграда во близина на иранско училиште.

Во нападот бил оштетен четвртиот кат од десеткатницата, искршени биле стаклата на околните згради и на десетици автомобили паркирани во околината.

Според извештаите оштетен бил и празен паркиран автобус за блиското приватно училиште Ал-Бавадер, а биле забележани луѓе кои брзаат да ги однесат децата на училиште.

Видете и ова: Сириската армија собори израелски ракети во близина на Дамаск

Израел изведе стотици напади врз цели во делови на Сирија под контрола на владата.

Официјален Израел ретко потврдува дека извршил напади во Сирија, но претходно изјави дека ги таргетира базите на милитантните групи сојузници на Иран, како што е либанскиот Хезболах, кој испрати илјадници борци да ги поддржат силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Минатиот месец, израелски напад врз западниот кварт на сириската престолнина Маза уништи зграда што ја користеше паравоената иранска Револуционерна гарда, при што загинаа најмалку пет Иранци.

Во декември, израелски воздушен напад на периферијата на Дамаск го уби иранскиот генерал Сејед Рази Мусави, долгогодишен советник на иранската паравоена Револуционерна гарда во Сирија. Израел, исто така, гаѓаше палестински и либански оперативци во Сирија во изминатите години.