Во следниот период ќе расте бројот на заболени од голема кашлица кај повозрасната популација

Граѓани чекаат ред за вакцинација, февруари 2024 година

Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски денеска изјави дека состојбата со големата кашлица е под контрола, но не е стабилна, бидејќи се уште има пораст на потврдени случаи.

„До денеска се потврдени вкупно 56 случаи. Од нив 14 се деца под една година, а 9 дополнително се на возраст од 1-4 години. Од вкупниот број 16 се невакцинирани, 12 се некомплетно вакцинирани. Сега се појавуваат адолесценти, деца на возраст од 10 до 14 години и повозрасни и веројатно во текот на следните недели ќе има промена на демографската структура на позитивните случаи, очекуваме кај повозрасните да се потврдува почесто оваа болест“, рече Петличковски по денешниот редовен состанок на комисијата.

Видете и ова: Редици за вакцина против голема кашлица

Тој потенцираше дека најголемата грижа останува спречување на ширење на инфекцијата кај малите деца, оти тие се најризични.

Останува препораката за надополнување на пропуштените вакцинални дози. Од 18 јанури до 14 февруари, вкупно се вакцинирани над 13 илјади деца.

Од 56 потврдени случаи, 46 се од Скопје, а има и во Тетово, Куманово и Гостивар.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфекција може да предизвика дополнителни компликации.