Се верува дека повеќе од 45 000 руски војници се убиени од почетокот на војната во Украина

илустрација

Најмалку 45 123 руски војници се убиени од почетокот на инвазијата на Москва на Украина пред речиси две години, според истражувањето на новинарите на Медиазон и руската служба на Би-Би-Си, кои ги идентификувале загинатите војници.

Две третини од сите потврдени мртви - доброволци, регрути, поранешни затвореници и борци од приватни воени компании, немале врска со војската пред да започне инвазијата, открија истражувачите.

Бројката вклучува 5406 мобилизирани војници, од кои 80 отсто загинале во втората година од војната. Краснодар, Свердловск, Башкортостан и Чељабинск се регионите со најголем број загинати.

Новинарите идентификуваа 27 906 руски војници убиени минатата година, односно 57 отсто повеќе од потврдените загуби во првата година од инвазијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Најопасната и најемотивна железничка линија во Украина

Од октомври минатата година до овој месец, во период кога руските сили напредуваа кон индустрискиот град Авдијивка и соседните области во регионот Доњецк, истражувачите потврдија смрт на 6614 руски војници. Авдијивка падна во рацете на московските сили минатата недела.

Новинарите своето истражување го базираа на податоци од отворени извори како што се некролози во медиумите, пораки на социјалните мрежи на роднините на жртвите, извештаи од локалните власти, како и податоци од гробиштата. Истражувачите велат дека реалните бројки би можеле да бидат најмалку двојно повисоки.

Министерството за одбрана на Русија не открива податоци за загубите и не ги коментира бројките објавени од новинарите.

Во јануари, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, во напис објавен во списанието „Форин аферс“ рече дека најмалку 315000 руски војници биле ранети или убиени за време на војната во Украина.