ЕУ го усвои тринаесеттиот пакет санкции против Русија

илустрација

Амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) одобрија нов пакет санкции против Русија, како одговор на агресијата на оваа земја врз Украина, а на листата се најде и компанијата Conex doo од Србија.

Со проширувањето на рестриктивните мерки, списокот на санкционирани лица кои ја поддржуваат руската војна против Украина сега брои над 2000.

Конечната одлука ќе биде објавена во официјалниот весник на ЕУ, во пресрет на втората годишнина од почетокот на војната во Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.

Станува збор за 13-тиот пакет санкции што ЕУ ги воведува против Русија и лица или субјекти кои ја поддржуваат војната во Украина.

„Амбасадорите на ЕУ штотуку се договорија за 13-тиот пакет санкции поради руската агресија врз Украина. Овој пакет е еден од најобемните одобрени од ЕУ. Ќе помине низ писмена процедура и официјално ќе биде одобрен на 24 февруари. “ напиша белгиското претседателство со ЕУ на мрежата X.

Видете и ова: Вучиќ: Србија ќе продолжи да одбива санкции против Русија

Во пакетот санкции беше вклучена и „Конекс доо“ од Србија, компанија која сега е официјално санкционирана, а на компаниите од земјите на ЕУ им е забрането да соработуваат со оваа компанија. Според финансискиот извештај, оваа компанија била речиси неактивна до почетокот на инвазијата на Украина.

Како што претходно објави Радио Слободна Европа (РСЕ), компанијата Конекс со седиште во Белград е регистрирана за вршење на консултантски активности поврзани со бизнис и менаџмент.

Податоците од финансиските извештаи, објавени на веб-страницата на Агенцијата за деловен регистер, покажуваат дека компанијата била неактивна во текот на 2020 и 2021 година, додека 2022 година ја завршиле со вкупен оперативен приход од еден милион евра.

Видете и ова: Милионски заработки на српски фирми преку заобиколување на санкциите за Русија

Деталите за работењето во текот на 2023 година нема да бидат јавно достапни до април оваа година, кога Агенцијата ги објавува редовните годишни финансиски извештаи на компаниите кои работат во Србија.

Образложението на ЕУ зошто токму оваа компанија од Србија е ставена на списокот на санкционирани субјекти ќе биде објавено кога одлуката ќе биде објавена во службен весник.

Според објаснувањето на ЕУ, на листата на санкции се ставени физички или правни лица кои се дел од рускиот воено-индустриски комплекс, имаат комерцијални или други врски со оваа индустрија. Санкционирани се и оние кои го поддржуваат или го подобруваат рускиот одбранбен и безбедносен сектор.