Рускиот претседател Владимир Путин унапреди висок службеник во затворот во кој пред неколку дена почина рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Заменик-шефот на затворската служба ФСИН, Валериј Бојаринев, беше унапреден во генерал-полковник на Министерството за внатрешни работи.
Директорот на Антикорупциската фондација, основана од Навални, во вторникот на социјалната мрежа Телеграм објави дека Бојаринев е лично одговорен за мачењето на Навални во затвор.
„Тоа мора да се сфати како отворена награда на Путин за тортура“, рече Иван Жданов во врска со унапредувањето на Бојаринев.
Во јули 2023 година, на судско рочиште, се дозна дека Бојаринев му наредил на Навални да го ограничи купувањето на храна и дневни потреби.
Видете и ова: Мајката на Навални побара од Путин да и го предаде телото на нејзиниот синЗатворениците обично можат да користат свои пари за да купат што им треба во продавница во близина на затворот.
Според Жданов, новоименуваниот генерал-полковник е одговорен и за други злоупотреби на критичарите на Кремљ.
Унапредувањето на Бојаринев стана познато во понеделникот кога претседателскиот декрет беше објавен во правната база на податоци. Заедно со него, во чин генерал беа унапредени уште тројца службеници од органите на редот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негираше дека овие унапредувања се поврзани со смртта на Навални, потенцирајќи дека тоа е нормална процедура.
Алексеј Навални (47) почина во петокот во сибирски затвор. Тој колабирал додека пешачел во дворот и починал и покрај обидите да биде вратен во живот.