Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“

ТВ студио на РСЕ, во Киев, Украина

Русија ја прогласи Радио Слободна Европа (РСЕ) за „непожелна организација“, според регистарот што го води Министерството за правда на земјата.

Последното ажурирање на регистарот покажува дека РСЕ е означена како „непожелна“ од 20 февруари. Според записот, РСЕ е 142-от ентитет кој е означен како таков.

Претходно, Канцеларијата на главниот обвинител одлучи да ги означи активностите на корпорацијата како непожелни во Русија, пренесува ТАСС.

Законот за „непожелна организација“, усвоен во 2015 година, беше регулатива поддржана од Кремљ за невладини и други организации кои се финансираат од странски извори.

Радио Слободна Европа е уредувачка независна медиумска компанија финансирана со грант од Конгресот на САД преку американската Глобална медиумска агенција.

РСЕ дистрибуира информации на 27 јазици во 23 земји каде слободата на медиумите е ограничена или професионалното новинарство е недоволно развиено.

Претседателот на РСЕ, Стивен Капус, вели дека „означувањето на РСЕ како непожелна организација е само најнов пример за тоа како руската влада го гледа вистинитото известување како егзистенцијална закана“.

„Милиони Руси се потпираат на нас со децении - вклучително и публика која соборува рекорди во изминатите неколку дена по смртта на Алексеј Навални - и овој обид да не задушат само ќе ја натера РСЕ да работи понапорно за да донесе слободно и независно новинарство за луѓето во Русија“, вели Капус.

Московскиот суд го прогласи за банкротитан бизнисот на Радио Слободна Европа во Русија минатиот март, откако компанијата одби да плати повеќекратни казни во вкупна вредност од над 1 милијарда рубљи (14 милиони долари) за кршење на таканаречениот закон за странски агенти.

Видете и ова: Судот го одби барањето на новинарката на РСЕ Курмашева за куќен притвор

Законот, воведен во 2012 година, првично беше наменет за невладини организации и групи за човекови права, но оттогаш е проширен за да вклучува и медиумски организации, индивидуални новинари, блогери на Јутјуб, односно всушност секој што се финансира надвор од Русија и, според мислењето на Кремљ, изразува политичко мислење.

Радио Слободна Европа претходно објави дека овој закон претставува политичка цензура со цел да ги спречи новинарите да ги извршуваат нивните професионални должности и ги оспорува потезите на владата пред руските судови и Европскиот суд за човекови права.

Радио Слободна Европа го затвори своето дописнички центар во Москва на 6 март 2022 година, неколку дена откако Федералната даночна служба поднесе барање до Арбитражниот суд во Москва за задолжителен банкрот на РСЕ.

Видете и ова: Московскиот суд прогласи банкрот на бирото на РСЕ

На 13 март минатата година, арбитражниот суд во Москва како причина ја наведе „неспособноста“ на РСЕ/РС, која ги застапува интересите на Радио Слободна Европа во Русија и чии сметки беа замрзнати во мај 2021 година, за да го отплати долгот.

Откако Русија ја започна својата инвазија врз Украина и воведе воена цензура во март 2022 година, рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор ги блокираше веб-страниците на Радио Слободна Европа во таа земја.

Постапките на руските власти, изјави тогаш претседателот на Радио Слободна Европа Џејми Флај, претставуваат кулминација на повеќегодишната кампања за нарушување на работата на таа медиумска компанија во Русија.

И покрај блокирањето на страниците и другите форми на притисок, рускиот сервис на Радио Слободна Европа продолжува целосно да работи, а посетеноста на страницата на РСЕ од Русија забележа рекорден скок.