Притворениот новинар на РСЕ Ихар Лосик веќе една година во самица

Притворениот новинар на РСЕ, Ихар Лосик

Родителите на новинарот на Радио Слободна Европа (РСЕ), Ихар Лосик, кој отслужува 15-годишна затворска казна под обвиненија за кои тој, РСЕ и странските влади тврдат дека се политички мотивирани, велат дека нивниот син поминал една година во самица во затвор во Белорусија.

Родителите на Лосик тврдат дека пред една година последен пат тие добиле писмо од нивниот син, кој е сместен во соба од типот на ќелија, каде што се забранети писма, пакети од роднини и посети.

Триесет и едногодишниот Лосик беше уапсен во јуни 2020 година и осуден на 15 години затвор во декември 2021 година по неколку обвиненија, вклучително и за организирање масовни немири, поттикнување омраза и неколку други обвиненија кои остануваат нејасни.

Тој тврди дека е невин и сите обвинувања против него ги карактириза како политички мотивирани.

Видете и ова: Судот го одби барањето на новинарката на РСЕ Курмашева за куќен притвор

Лосик и околу 150 други белоруски политички затвореници, вклучително и друг новинар на РСЕ, Андреј Кузниечик, но и поранешниот потенцијален претседателски кандидат Виктар Бабарик, ја отслужуваат казната во истата поправна колонија број 1. во северниот град Наваполатск.

Работната група на Обединетите нации за произволно притворање, во октомври минатата година утврди дека Белорусија го прекршила меѓународното право со притворањето на Лосик, заклучувајќи дека неговото апсење и притворање биле „засновани исклучиво на неговите новинарски активности и неговото користење на слободата на изразување и здружување“.