Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува в петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК).
Државната изборна комисија на седница донесе Правилник за собирање на потписи, којшто ќе биде објавен на веб - страницата на комисијата.
„Собирањето на потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот“, информира Борис Кондарко, член на ДИК.
Тој објаснува дека иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници, се поведува со поднесување на известување и изјава на ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.
Видете и ова: Распишувањето на изборите ќе го „отклучи“ Избирачкиот списокПотребните документи ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и сите заинтересирани ќе можат од таму да ги симнат.
ДИК денеска го усвои и Павилникот за постапување на полицијата за време на спроведување на изборите. Претседателот на Комисијата Александар Даштевски истакна дека се работи за истиот Правилник од изборите во 2021 година.
Коалициите, кандидатските листи за пратеници и имињата на носителите во шестте изборни единици официјално сè уште не се познати. Се очекува партиите да ги објават во текот март, додека на почетокот на април ќе започне кампањата. Она што е потврдено во досегашните јавни изјави на политичарите е оти во првата изборна единица која го опфаќа најголемиот дел од Скопје носители на листи ќе бидат лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Нова алтернатива – Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и Данела Арсовска.
Официјални претставувања досега немаше ниту на претседателските кандидати од поголемите политички парти. Од парламентарните партии, единствено Левица официјално ја претстави професорката од Филозофскиот факултет Билјана Ванковска за своја кандидатка. За кандидатурата тие ќе треба да соберат 10 000 потписи од граѓани.
За претседателски кандидат потребно е да се соберат потписи од 30 пратеници или 10 000 потписи од граѓани. Претседателските избори што треба да се одржат на 24 април – прв круг и на 8 мај – втор круг, ќе бидат седми по ред. Парламентарните избори на кои ќе се гласа заедно со вториот круг претседателски избори на 8 мај, ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година.