Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека има намера да ја продолжи политиката на невоведување санкции кон Русија и покрај големиот притисок од Западот.
Во интервју за руската државна агенција ТАСС, Вучиќ изјави дека не сака „ден или два да глуми херој, а потоа да ја смени одлуката“.
„Ниту се чукаме во гради или што било, но како што гледате, мојот одговор ќе биде ист и во иднина, дека ќе се трудиме да ја браниме нашата позиција што е можно подолго. Тоа можевме да го правиме веќе две години. Не знам дали ќе продолжиме, но се надевам дека ќе биде така“, изјави Вучиќ.
Иако е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), Србија е една од ретките европски земји која не се приклучи на санкциите воведени од ЕУ кон Русија по нејзината агресија врз Украина во февруари 2022 година.
Видете и ова: Упориштата на Кремљ во новиот парламентарен состав на СрбијаОсвен невоведувањето санкции, Србија својата лојалност кон Русија ја покажа и со протерување или забрана на неколку антивоени активисти кои по инвазијата од средината на минатата година избегаа од Русија во Србија.
Вучиќ во интервју за ТАСС на „братскиот руски народ“ му посака стабилност и успех на претстојните претседателски избори.
„Ви посакувам успех и се надевам дека ќе имаме можност да се среќаваме почесто и полесно отколку во претходните две години“, изјави Вучиќ.
Претседателските избори во Русија ќе се одржат од 15 до 17 март, а единствен фаворит е актуелниот претседател Владимир Путин, кој владее со Русија речиси четврт век.
Единствениот опозициски кандидат што се спротивстави на војната во Украина, Борис Надеждин, не доби дозвола од Централната изборна комисија да влезе во трката, иако поднесе повеќе од 100 000 потписи за поддршка.