Џафери: Ахмети нема да прифати кандидатура за претседател

Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети нема да прифати кандидатура за претседател на државата.

„Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција колку што знам. И мислам дека нема да прифати да биде кандидат. Нема потреба тој да покажува кој е и колку е после 50 години свој придонес во нештата во оваа држава и за оваа држава и за граѓаните во оваа држава. Така што, негова мисија е Европа, Европска Унија и си работи на таа мисија“, рече Џафери при денешната посета на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза" во Скопје.

Џафери смета дека не е приоритет на Ахмети натпреварот по однос на носењето на функција.

„Не мислам дека му е приоритет натпреварот по однос на носењето на функција. Да сакал функција, можел да ја има која било функција во овие 23 години“, рече Џафери.

Видете и ова: Арбен Таравари е претседателскиот кандидат на албанската опозиција

Министерот за политички систем и член на ДУИ, Артан Груби вчера во интервју за емисијата 360 степени, истакна дека нивната партија неделава ќе го објави претседателскиот кандидат. Потенцира дека се споменуваат повеќе имиња како можни кандидати, но, како што рече, се уште немаат донесено одлука.

„Убедувањето на Ахмети оди тешко. Го знаете неговиот став: Јас сум мисионер и не сум функционер. Не сум во политичка партија, ниту во политиката за да добијам функција, туку за мисијата да ми биде успешна. И пред тој аргумент мора сите да се повлечеме. Но, ако прашате кој било член на ДУИ, кој било гласач на ДУИ, секако дека ќе се определи за Али Ахмети,“ рече Груби во емисијата „360 степени“.

За разлика од ДУИ, албанската опозиција предводена од Европскиот сојуз за промени, го објави својот претседателски кандидат Арбен Таравари.