Владејачката унгарска партија ФИДЕС на 26 февруари во Парламентот ќе гласа за ратификација на членството на Шведска во НАТО, а партијата ќе го поддржи, објави денеска на Фејсбук претседателот на парламентарната група ФИДЕС, Мате Кочис.
Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон денеска (20 февраури) изјави дека ја поздравува веста дека унгарскиот парламент следната недела ќе гласа за членството на неговата земја во Алијансата.
На 5 февруари членовите на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан ја бојкотираа вонредната седница на парламентот на која требаше да се гласа за ратификација на влезот на Шведска во НАТО, со што дополнително го одложија тој прием.
Владејачката партија Фидес, која има апсолутно мнозинство во парламентот, го блокира шведското членство од јули 2022 година, велејќи дека шведските политичари кажуваат „флагрантни лаги“ за состојбата на унгарската демократија.
Видете и ова: Турција официјално го ратификуваше членството на Шведска во НАТООткако Турција го одобри приемот на Шведска во Алијансата во јануари, Унгарија остана последна од 31 земја-членка на НАТО што не го стори тоа, а за прием на нова членка потребно е едногласно одобрение од сите членки.
Сојузниците на Унгарија вршат притисок врз земјата да одржи гласање за ова прашање без одлагање.