Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска изјави дека Советот на скопската Општина Ѓорче Петров на седница одржана викендов изгласал измени на Деталниот урбанистички пан (ДУП) со кој драстично биле зголемени дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“ - од 5 ката плус поткровје, на 20 ката плус поткровје. Таа додаде дека Советот на општината ги изгласал измените без согласност од Град Скопје.
Арсовска најави дека ќе поднесе кривични пријави против градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојковски којшто ги отфрли обвинувањата, како и против министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателката на Советот на општина Ѓорче Петров Ленче Нелоска и за Весна Андрееска - вработена во Министерството за транспорт и врски.
„Нема да дозволиме покрај овие бетонски зданија и изградба на три индустриски објекти од хемиската индустрија како потенцијални катастрофи да се изградат во општина Ѓорче Петров“, рече Арсовска.
Министерството за транспорт и врски исто така денеска ги отфрли обвинувањата на Арсовска велејќи дека тие се „паушални и лажни“.
Видете и ова: Опасни депонии, преполни контејнери и политички игриСпоред Арсовска, Општина Ѓорче Петров за носењето на ДУП-от морала да побара мислење од надлежните институции, но дека тоа не го направила, туку само доставила барање до Министерството за транспорт и врски и на 16 февруари добила согласност, со што во саботата на 17 февруари ДУП-от поминал на Совет на општината.
Министерството за транспорт и врски во реакцијата вели дека тие не се институција која носи урбанистички планови и дека не се меша во просторниот развој на општните.
Оттаму наведуваат дека според увидот што го направило Министерството за транспорт и врски во системот на е-урбанизам, се покажало дека Град Скопје 72 дена не одговорил „на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.“
„Согласно член 36 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Град Скопје е должен да одговори во рок од пет работни дена од приемот на барањето во електорнска форма на системот на е-урбанизам. Доколку не одговори, тогаш се смета дека Град Скопје нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Општина Ѓорче Петров на вонредна седница во саботата на 17 февруари го изгласала ДУП-от за градската четврт „C3 16“ на потегот спроти пазарот во Ѓорче Петров, во кој биле вцртани 31 зграда - од кои една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет 5-катници, според рекцијата на граѓанската иницијатива „О2 Иницијатива“.
Со тоа за згради била предвидена вкупно изградена површина од 214.000 метри квадратни, за големи трговски единици 93.000 метри квадратни и 64.000 метри квадратни за Г2 - лесна и незагадувачка индустрија, наведуваат од организацијата.
„ГУП-от предвидува 3.750 максимален број на жители, односно корисници во четвртта, а ДУП-от 7.244. ГУП-от предвидува максимално дозволена нето густина на населеност од 335 жители на хектар, а ДУП-от 648 жители на хектар. ГУП-от 1.042 просечен број на семејства - ДУП-от 2.012“, велат од „О2 Иницијатива“. “
Видете и ова: Урбанизација на Скопје во последните 20 години - Многу згради, тесни улици, малку паркинзи и зеленилоГрадоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ги отфрли обвинувањата на Арсовска велејќи дека не било точно дека ќе се градат три хемиски капацитети. Тој рече дека бил планиран еден објект од лесна индустрија и дека измените ги доставиле до Град Скопје, но од Градот немало одговор и тоа се сметало за позитивно мислење.
Од Министерството велат дека во текот на постапката, Општината четири пати го доставила до нив планот, од кои три пати Министерството дало известување со недостатоци, а дека четвртиот пат општината ги корегирала сите дадени забелешки.
„Согласно ваквиот тек на настаните, Комисијата за урбанизам при министерството за транспорт и врски водејќи се од одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање како и од Законот за урбанистичко планирање даде согласност на ДУП-от“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Според Арсовска, согласнот за ДУП-от имало само од Агенцијата за катастар на недвижности, а од Град Скопје далe две негативни мислења.
Градот Скопје, како што најави Арсовска, освен што ќе поднесе кривични пријави, од Уставниот суд ќе побара со времена мерка да ја запре примената на ДУП-от.