Борел: Путин ќе мора да одговара за смртта на Навални

Јулија Навалнаја и Жосеп Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, 19 февруари 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин „ќе мора да одговара“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, по состанокот со вдовицата на Навални на 19 ноември во Брисел.

„Го изразивме најдлабокото сочувство на ЕУ до Јулија Навалнаја. Владимир Путин и неговиот режим ќе треба да одговараат за смртта на Алексеј Навални“, рече Борел по средбата со вдовицата, која се обрати на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Но, „како што рече Јулија, Русија не е Путин, а Путин не е Русија“, рече Борел.

Министрите стоеја и ѝ дадоа долги овации на вдовицата на противникот на Кремљ на крајот од нејзиниот краток говор, додаде Борел.

Видете и ова: Зеленски ги посети војниците на првата линија на фронтот

Според дипломатски извори, Јулија Навалнаја на министрите им ја потврдила посветеноста да ја продолжи борбата против режимот што доведе до смрт на нејзиниот сопруг.

„Алексеј Навални беше херој и тој умре како херој“, рече таа и побара ЕУ да биде насочена со казнени мерки кон опкружувањето на Владимир Путин и „корумпираните олигарси“ кои го поддржуваат.

Неколку министри пред почетокот на состанокот на 19 февруари се заложија за воведување дополнителни санкции кон Русија.

Европската унија веќе воведе неколку пакети санкции против Москва, вкупно 12, и се подготвува да го усвои 13-тиот пакет пред втората годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари.