Грузиската претседателка вели дека ако Путин победи во Украина, членките на ЕУ се следни „на удар“

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили предупреди на опасноста од руска агресија врз другите европски земји доколку Украина ја загуби војната.

„Таква е природата на Русија, не престанува, ако не ја запрат“, изјави таа за агенцијата ДПА на маргините на Минхенската безбедносна конференција и додаде дека земјите членки на ЕУ треба да бидат загрижени.

„Европејците треба да бидат загрижени. Денес Украина навистина се бори за одбрана на европската безбедност, а Украинците гинат за другите Европејци“, рече Зурабишвили.

Видете и ова: Путин порача: Војната во Украина ќе продолжи, целите остануваат исти

Таа оценува дека дискусиите за руското оружје што може да се користи против сателитите во вселената покажале дека географијата повеќе не игра улога.

Пред неколку дена Соединетите Држави објавија дека собрале чувствителни разузнавачки информации за руско антисателитско оружје, кои ги споделија со високи претставници на американската влада. Информациите се однесуваат на ново, вселенско нуклеарно оружје дизајнирано да ја загрози распространетата сателитска мрежа на Америка, изјавија официјални лица запознаени со ова прашање, додавајќи дека оружјето сè уште не е оперативно.