Техничкиот премиер Талат Џафери изјави дека „законите се донесени и приказната е затворена“, одговарајќи на новинарско прашање во однос на препораката на Советот на Европа за отповикување на Законот за амнестија од 2011 и процесирање на четирите хашки случаи.
„Веќе дадов одговор за тоа дека е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата. Завршена е таа приказна, законите се донесени, изјави кратко Џафери, по посетата на Студентскиот дом во Тетово“, придружуван од министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Инаку партијата Демократски сојуз до Уставниот суд во петокот (16 февруари) поднесе иницијативата за отстранување на правните пречки со што ќе може да продолжи постапката по четирите хашки случаи.
Станува збор за четири судски предмети, кои во 2008 година беа вратени од Хашкиот трибунал во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство. Делата се однесуваат на: тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од ГП „Маврово“ и за делата на командна одговорност на раководството на ОНА. Сите се сторени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.
Видете и ова: Уставен ја потврди амнестијата за Хашките случаиСо иницијатива на лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, се бара поништување на Автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија, со кое се запре постапката за четирите хашки случаи. Според Трајанов, ова толкување е спротивно на Уставот, Кривичниот законик и на Женевските конвенции, со кои е дефинирано дека злосторствата против цивилите не застаруваат.
Пред десетина дена, во писмо до македонската влада, Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, побара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал кон домашните судови. Во писмото, Мијатовиќ, наведе дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.
Во 2012 година Уставниот суд ги отфрли двете иницијативи за оценување на уставноста на автентичното толкување на законот за амнестија. Судиите едногласно ја отфрлија иницијативата за оценување на уставноста на Законот за амнестија донесен во 2002, додека другата иницијатива за оценување на уставноста на автентичното толкување на Законот за амнестија беше отфрлена со мнозинство гласови. Една година порано, владејачкото мнозинство донесе закон со кој ги ослободи од кривична одговорност осомничените за четирите хашки случаи.