Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој е на листата на санкции на САД и Велика Британија поради попречување на Дејтонскиот договор и повреда на легитимитетот и функционалноста на државата Босна и Херцеговина, денеска (19 февруари) се сретна со претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, јавува Радио телевизија Република Српска (РТРС).
„И се заблагодарив на Република Српска за поддршката. Разговаравме за економската соработка и продолжуваме да соработуваме“, изјави Додик по средбата.
Претходно Додик разговараше со министерот за надворешни работи на таа земја Сергеј Алејник. Во неделата, на 18 февруари, Додик за РТРС изјави дека „Република Српска не дозволи воведување санкции против Белорусија и дека сите во оваа земја го ценат тоа“.
Босна и Херцеговина се приклучи на санкциите на ЕУ, но не ги спроведува, поради опструкциите на владата на РС, предводена од Милорад Додик. Согласно законот, Советот на министри на Босна и Херцеговина, по консултација со Претседателството на Босна и Херцеговина, кое ја води надворешната политика, одлучува за начинот на воведување, спроведување и укинување на санкциите против странски држави.
„Кога бевме изложени на донесување политички одлуки за санкции против Белорусија и Русија, не размислувавме еднаш, туку долгорочно. Ниту Русија, ниту Белорусија нема да можат да им ги простат овие санкции на многу луѓе“, рече Додик за РТРС.
Видете и ова: Почна судењето против Милорад Додик поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХКако што наведе, тој отишол во Минск „да бара разбирање за тоа дека постои Република Српска која се бори за својот суверенитет, статус и слобода“, најавувајќи дека соработката со Белорусија ќе се прошири на полето на здравството.
Територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, како една држава со два ентитета и округот Брчко, се загарантирани со Дејтонскиот мировен договор, а овој договор и Уставот на Босна и Херцеговина не даваат право на отцепување на ниту еден субјект.
Инаку, во 2020 година, како член на Претседателството на БиХ, Додик му честиташе на Лукашенко за „реизборот за претседател на Белорусија“. Во 2015 година, Милорад Додик, тогаш во својство на претседател на Република Српска, испрати честитка до Лукашенко по победата на претседателските избори.
Видете и ова: Додик го одликува Орбан со истото признание што му го додели на ПутинДодик од саботата е во посета на Белорусија, по што, како што најави, ќе замине за Москва каде, како што рече, ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. После тоа, рече тој, планирана е средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска е еден од ретките функционери кои од почетокот на руската инвазија на Украина се сретнале со руски и белоруски функционери кои се под санкции на САД и Европската Унија поради агресија врз Украина.