Израел поставува ултиматум за копнена офанзива во Газа

Рафа, Појас Газа, февруари 2024 година

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно ги отфрли повиците за запирање на воената офанзива во Газа, ветувајќи дека „ќе ја заврши работата“. Во меѓувреме, член на неговиот кабинет се закани дека ќе го окупира градот Рафа во јужна Газа, доколку преостанатите израелски заложници кои ги држи Хамас не бидат ослободени до почетокот на Рамазан.

Хамас, палестинската група која владее со Газа, е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

Израелската влада јавно не разговараше за временската рамка за копнена офанзива во Рафа, каде што се засолниле повеќе од 2,3 милиони Палестинци кои избегале од другите делови на Газа.

„Ако заложниците не бидат ослободени до почетокот на Рамазан, борбите ќе продолжат во областа Рафа“, изјави пензионираниот генерал Бени Ганц, член на кабинетот на Нетанјаху, на конференцијата на еврејско-американските лидери.

Видете и ова: Египет достави Меморандум против Израел пред Меѓународниот суд на ОН

Месецот Рамазан, кој годинава започнува на 10 март, вообичаено е период кој ги зголемува тензиите во регионот. Во услови на застој во разговорите за прекин на огнот, Нетанјаху ги нарече барањата на Хамас „илузии“.

Соединетите Држави, главниот сојузник на Израел, остануваат со надеж за прекин на огнот и договор за заложници и бараат подобро решение за војната што започна со нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година. Како резултат на нападот, загинаа 1200 Израелци, а стотици од нив беа земени како заложници.

Видете и ова: СЗО: Израелската офанзива на Рафа би предизвикала неизмерна катастрофа

Израел, од друга страна, јасно покажа дека се противи на американските повици за решение со две држави, иако голем дел од меѓународната заедница поддржува независна палестинска држава. Нетанјаху рече дека Израел бара „тотална победа“ над Хамас.

Обраќајќи се на меѓународната загриженост во врска со офанзивата во Рафа, тој рече дека палестинските цивили ќе бидат евакуирани, иако не се знае каде ќе можат да одат.

Во војната во Газа загинале најмалку 28985 Палестинци, главно жени и деца, соопштија палестинските здравствени власти. Околу 80 отсто од населението во Газа е раселено, а четвртина се соочува со глад.