Борел за РСЕ: ЕУ ќе продолжи да испорачува помош и гранати за Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека 27-члениот блок обезбедил „континуиран проток“ на помош за Украина во нејзината речиси двегодишна борба против руската инвазија, но призна дека во војна „никогаш не е доволно“ и дека помошта - особено во форма на артилериски гранати, продолжува да се испраќа во Киев.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Борел рече дека ЕУ и дала помош на Украина од 28 милијарди евра минатата година, а досега одвоила 20 милијарди евра помош оваа година.

„Мораме да направиме повеќе, знам. Никогаш не е доволно кога си во војна. Никогаш не е доволно. Но, не ми кажувајте дека не правиме доволно секој ден. Правиме многу. Постои континуиран проток, многу интензивен проток на нашата муниција оди во Украина. заложбата на земјите-членки да продолжат со снабдувањето. На Украина и треба повеќе“, рече тој.

Видете и ова: Бајден го повика Конгресот на САД да преземе акција за помошта за Украина

Борел вели дека „ќе стигнат“ многу потребните дополнителни испораки на муниција во Украина, особено ветените артилериски гранати.

„Ние произведуваме. Го зголемивме производствениот капацитет за 40 проценти. Четириесет проценти повеќе. Бевме на многу ниско ниво на производство на оружје и муниција кога започна војната, но го зголемуваме нашиот производствен капацитет“, рече Борел за РСЕ и додаде:

„Знам дека не е доволно, ќе ми кажете дека 1,1 милион артилериски гранати не се доволни. Но, нашата индустрија им продава оружје на украинските вооружени сили. Секој ден ги повикувам земјите-членки да одат и да бараат повеќе нарачки од европските одбранбени индустрии. Затоа продолжуваме да работиме колку што можеме“, рече тој.

Видете и ова: ЕУ постигна договор за обезбедување 50 милијарди евра помош за Украина

На крајот на јануари, Борел призна дека ЕУ нема да ја исполни својата цел да испрати еден милион артилериски гранати во Украина до март, велејќи дека приближно половина биле испорачани до тој рок, а остатокот ќе биде испратен до крајот на годината.

Русија ја започна извазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.