НАТО е воено посилен од Русија, Алијансата стана посилна од порано изјави на 17 февруари генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во својот говор на безбедносната конференција во Минхен.
„НАТО е најсилната воена сила во светот денес. Ние претставуваме, грубо кажано, околу 50 отсто од вкупната светска воена сила. И ние сме воено посилни од Русија“, изјави Столтенберг.
Тој додаде дека верува оти војната во Украина покажа дека има некои сериозни недостатоци.
„На пример, кога станува збор за одржување, едно е што секој има напредни системи за оружје, но им требаат и резервни делови и одржување. Најблаго кажано, потребна е муниција“, рече Столтенберг на Конференцијата за безбедност во Минхен.
Тој истакна дека целта на НАТО е да „спречи војни“ и да не дозволи Москва погрешно да ја процени подготвеноста на НАТО да ги брани своите членки и повтори дека нападот врз една членка на Алијансата ќе значи одговор од целата алијанса.
„Се додека таа порака и е јасна на Москва, ниту еден член нема да биде нападнат. Значи, нашето одвраќање е веродостојно и не гледаме никаква воена закана против сојузниците во НАТО“, рече Столтенберг.
Тој посочи дека по руската анексија на Крим во 2014 година, НАТО ги зголеми трошоците за одбрана.
„Оваа година очекуваме 18 земји-членки да ја исполнат квотата од два отсто од БДП трошоците за одбраната. Тоа е зголемување од 2014 година, значителен пораст, бидејќи европските сојузници и Канада додадоа 600 милијарди долари во трошоците за одбрана. Дури и членовите кои се уште не се подготвени да издвојат два отсто од БДП ќе го сторат тоа наскоро“, рече Столтенберг.
Тој истакна дека на почетокот на војната во Украина, Алијансата ги исцрпила своите резерви, кои сега се на ниско ниво, но дека се фокусира на тоа како да го зголеми производството.
„Имаме добри вести. Се градат нови фабрики, зголемено е производството, но итно треба да се направи повеќе. Така, мислам дека научивме сериозни лекции од војната во Украина. САД направија многу за да и помогнат на Украина, особено на војската, но сега проблемот е законот за помош на Украина во американскиот Конгрес, кој мора да биде донесен за да му се помогне на Киев. Ова има директно влијание на линијата на фронтот во Украина“, истакна Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО рече дека секоја недела чекање значи дека повеќе луѓе ќе бидат убиени на фронтот во Украина.
„Сепак, не е мое да давам совети како да се донесе закон во американскиот Конгрес, но она што можам да го кажам е дека од витално значење е САД да одлучат за пакетот помош за Украина, бидејќи таа помош ни е потребна“, додаде Столтенберг.
Републиканците се уште не го одобриле пакетот вреден 61 милијара долари наменет за Украина.