Антивладини протести во Хрватска, опозицијата бара итни избори

Архивска фотографија Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од кого опозицијата бара оставка и итни избори

Неколку илјади луѓе се собраа на 17 февруари во хрватскиот главен град на антивладиниот митинг организиран од опозицијата, кој бара итни избори. Редовните избори се предвидени да се оддржат кон крајот на годинава. Хрватската опозиција ја обвинува актуеланата власт за корупција.

Протестот наречен „Доста е! За избори сега!“ беше организиран од 11 левичарски опозициски партии.

Поводот за протестите беше неодамнешното назначување на судија од Вишиот суд за нов државен јавен обвинител на земјата. Неговата номинација предизвика контроверзии во јавноста поради неговите наводни врски со осомничени за корупција.

Видете и ова: Средби на европски претставници со претставници на властите на БиХ во Сараево

Судијата Иван Турудиќ, поддржан од владата и именуван од пратениците претходно овој месец, постојано ги отфрли наводите за неговите врски со осомничени за корупција.

„Неговата номинација е „последната капка“. Владата повеќе нема легитимитет и мора да си замине“, изјави претходно пратеничката од „Ние можеме “ Сандра Бенчиќ.

Хрватска треба да одржи редовни парламентарни избори до 22 септември, но датумот се уште не е фиксиран.

Демонстрантите се собраа на плоштадот Свети Марко, во централниот стар дел на Загреб каде се наоѓаат зградите на владата и парламентот, како и на соседните улици.

„Доста е од корупција и криминал“, пишуваше на дел од транспарентите што ги носеа.

„Доста е од тиранија, доста е од лаги, доста е од корупција, доста е од (владејачката) ХДЗ партија“, изјави пред толпата водачот на најголемата опозициска Социјалдемократска партија (СДП) Пеѓа Грбин.

Демонстрантите скандираа „Доста е, доста е“ и „АП замини“ повикувајќи се на иницијалите на конзервативниот премиер Андреј Пленковиќ.

„Непотизмот и корупцијата се ракот на оваа земја, затоа младите Хрвати си заминуваат“, изјави за новинската агенција Франс Прес демонстрантот Марио Топиќ, администратор на возраст од 50 години, повторувајќи ги ставовите на многумина кои присуствуваа на митингот.

Реформата во судството и борбата против корупцијата беа меѓу клучните критериуми што Хрватска требаше да ги исполни за на крајот да се приклучи на Европската унија во 2013 година.