Блинкен ја честиташе годишнината од независноста на Косово

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен им ја честиташе 16-годишнината од независноста на граѓаните на Косово, ценејќи го нивното партнерство како стабилно.

Според него, партнерството меѓу САД и Косово се заснова на меѓусебно разбирање, заеднички вредности и пријателство меѓу двата народа.

„Се додека продолжувате да постигнувате напредок кон зајакнување на демократските институции и промовирање на владеењето на правото, ние ќе продолжиме да го поддржуваме мултиетничкото Косово“, рече Блинкен.

Шефот на американската дипломатија го повтори ставот искажан ден претходно од претседателот Џо Бајден, во врска со дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

„САД го охрабруваат Косово да ги спроведе своите обврски и да продолжи напред преку дијалог со посредство на Европската Унија за да постигне сеопфатен договор за нормализација со Србија, на патот кон евентуалното меѓусебно признавање“, се вели во соопштението на Блинкен.

Косово и Србија водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Европската Унија (ЕУ) од 2011 година. САД го поддржуваат овој процес, но не се дел од него.

Видете и ова: Блинкен: Дијалогот е единствениот пат напред за Косово и Србија

Со текот на годините, партиите постигнаа неколку договори, но не сите беа спроведени во пракса. Еден од договорите што меѓународниот фактор упорно бара од Косово да го спроведе е оној за формирање Заедница на општини со српско мнозинство. Владата на Косово изрази страв дека ваквото етничко здружување може да ја наруши функционалноста на косовската држава.

Исто така, минатата година двете страни постигнаа договор за нормализацијата и договорија анекс за негова имплементација.

Договорот за нормализација од 11 члена, меѓу другото, предвидува и ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а од Приштина и Белград се бара и да ги спроведат сите претходни договори постигнати за време на дијалогот.

ЕУ соопшти дека договорот, кој не е потпишан, е обврзувачки за страните, но тој сè уште не стапил во сила.