Таравари на конгрес ја укина функцијата на Села

Вонреден конгрес на крилото на Алијансата за Албанците, предводено од лидерот Арбен Таравари, Скопје, 16 феврурари 2024

На вонредниот конгрес на крилото на Алијансата за Албанците, предводено од лидерот Арбен Таравари е укината функцијата претседател на Собранието на партијата, функција што ја извршува поранешниот претседател Зијадин Села.

На вечерашниот конгрес, приврзаниците на Таравари донеле одлука за дополнување на статутот за да се отстранат дисфункционалностите во партиското одлучување.

„Една од непосредните импликации на овие промени е укинувањето на функцијата претседател на Собранието и на овластувањата на телото однапред познато како тесно Претседателство на партијата“, стои во соопштението на партијата по одржувањето на конгресот.

Во партијата, која е дел од владејачкото мнозинство, има раскол, откако Таравари се приклони кон партиите кои се дел од албанскиот опозициски блок.

Тој вчера најави и дека ќе биде кандидат на албанската опозицијата за претседател на државата.

Видете и ова: Таравари свика конгрес за разрешување на Села

Села, кој е претседател на Собранието на партијата, се спротивстави на идеите на Таравари да коалицира со албанската опизиција и минатиот викенд иницираше негова смена. Села за в недела (18 февруари) закажа конгрес на кој ќе се расправа за разрешување на Таравари.

На вонреден конгрес, кој се одржа вечерва во Скопје, приврзаниците на Таравари ги потврдиле одлуките за кандидатурата на Таравари за претседател на државата и за коалицирање со Европскиот сојуз за промени (ЕСП), составен од партиите од албанскиот политичко блок – Беса, Алтернатива и Демократско движење.

Портпаролот на Алијансата за Албанците, Блерант Рамадани рече дека од вкупно 739 делегати на републичко ниво, на конгресот учествувале 421 делегат.

На конгресот е однесена одлука да се укинат одлуките на Собранието на партијата кое се одржа на 10 февруари 2024 година, кога Села иницираше смена на Таравари.

Портпаролот Рамадани вели дека со оглед на фактот оти вечерва на Конгресот присуствувале 421 од вкупно 739 делегати, останува да се види колку делегати ќе има Села в недела.

„Сметам дека в недела нема да имаат повеќе од 30 отсто од делегатите. Така што, не верувам дека може да донесат некоја легитимна одлука“, посочува партискиот портпарол.

Видете и ова: Собранието ги разреши министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу

Пред конгресот Таравари изјави дека за противкандидат во трката за претседател на државата сака да го има претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Алијансата за Албанците е формирана во 2015 година. Во 2017 влезе во владина коалиција со СДСМ и ДУИ, но, за помалку од една година, партијата ја напушти власта и премина во опозиција. Во 2023 Алијанса повторно влезе во власта. По несогласувањата меѓу Таравари и Села, пред една недела беа сменети двајца министри, кои се од крилото на Таравари, министерот за здравство Фатмир Миџити и за администрација Азир Алиу. На нивно место беа назначени приврзаници на Села.