Украина напушти дел од Авдијивка, Киев тврди дека тоа не е стратешка победа за Русија

Авдијивка, 8 ноември 2023 година.

Украинската војска соопшти дека ги повлекла војниците од југоисточниот дел на градот Авдијивка поради ескалацијата на борбите, додавајќи дека одлуката не значи стратешка предност за Русија.

Командант на југоисточниот украински сектор, Олександр Тарнавски, на Телеграм изјави дека украинските единици се повлекле со минимални загуби.

„Во тешка ситуација на фронтот, кога од тврдината останаа само урнатини и куп паднати тули, наш приоритет е да ги спасиме животите на војниците“, рече тој.

Тарнавски уште еднаш го опиша секторот Авдијивка како „најжешкиот“ на целата линија на фронтот од околу 1.000 километри.

Видете и ова: Што ни кажува неизбежниот пад на Авдијивка за расположението на украинскиот фронт?


„Непријателот врши масовни бомбардирачки напади дење и ноќе и не престанува да напаѓа последователно од неколку правци“, рече тој.

Ројтерс, сепак, не можеше веднаш да ги потврди извештаите од фронтот.

Заземањето на источниот град се смета за клучна цел за Москва во обезбедувањето целосна контрола врз двете провинции кои го сочинуваат индустрискиот регион Донбас и може да биде важно за рускиот претседател Владимир Путин на изборите следниот месец.

Русија започна неиспровоцирана агресија на Украина на 24 февруари 2022 година.