Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, го обвини рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Алексеј Навални, велејќи дека „не е изненаден“, но дека е „огорчен“ од смртта на рускиот опозициски лидер.
„Не знаеме што точно се случи, но нема сомнеж дека смртта на Навални е резултат на нешто што го направија Путин и неговите насилници“, рече Бајден во Белата куќа во петокот, 16 февруари, неколку часа откако системот на руските затворски институции објави дека Навални почина.
„Руските власти ќе ја раскажат својата приказна. Но, бидете сигурни – Путин е одговорен за смртта на Навални“, подвлече американскиот претседател, пренесува Ројтерс.
Тој, исто така, рече дека „разгледува“ понатамошни чекори за казнување на Русија по смртта на Навални, оддавајќи му почит на опозицискиот лидер за „храброто“ спротивставување на владеењето на Путин, неговата „корупција“ и „насилство“.
Белата куќа и понатаму бара дополнителни информации за смртта на Навални во руската казнена колонија во Арктичкиот круг, каде што беше испратен пред помалку од два месеци.
Новиот развој на настаните и реакцијата на Бајден дополнително ги лади и онака лошите односи меѓу САД и Русија.
Четириесет и седумгодишниот Навални беше еден од водечките критичари на Путин, а во 2021 година, пред средбата со Путин во Женева, Бајден изјави дека неговата смрт може да има сериозни последици за рускиот лидер.
Рускиот опозициски лидер е зад решетки од 2021 година, затворската казна во август минатата година му беше продолжена на 19 години, а неодамна беше испратен во затворот „Поларниот волк“, кој важи за еден од најстрогите во рускиот затворски систем.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Нема да се заборави“ ако САД не и помогнат на Украина
Бајден и Путин жестоко се поделија околу руската инвазија на Украина, која започна пред две години, а американскиот лидер бара од републиканските „тврдокорни“ во Конгресот да поддржат дополнителна финансиска помош за обезбедување оружје за украинската војска.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон од Републиканската партија сè уште не предложил гласање за нацрт-законот за помош на Украина, кој оваа недела помина во Сенатот.
По смртта на Навални, Бајден рече дека САД и нивните сојузници треба да ги искористат „сите можни средства за да го спречат Путин да ја финансира неговата неиспровоцирана војна во Украина и агресија против балтичките земји“.
„Историјата го следи Претставничкиот дом. Неуспехот да се поддржи Украина во овој клучен момент никогаш нема да биде заборавен“, предупреди Бајден.
Американската потпретседателка Камала Харис, говорејќи на Минхенската безбедносна конференција, предупреди дека неуспехот на американскиот Конгрес да одобри дополнителна помош за Украина ќе биде „подарок“ за рускиот претседател.
Според агенцијата ДПА, таа рекла дека на Украина има очајна потреба од „клучно оружје и ресурси“, како се приближува на 24 февруари и втората годишнина од руската инвазија.
Обраќајќи им се на европските сојузници на Киев, Харис рече: „Јасно ставивте до знаење дека Европа ќе застане со Украина. Ве уверувам, претседателот Џо Бајден и јас стоиме со Украина“.
На маргините на конференцијата, таа се сретна со сопругата на Алексеј Навални, Јулија и ги пренесе нејзините „чувства на тага и гнев“ поради наводната смрт на рускиот опозиционер.
По неколкумесечни преговори, на почетокот на оваа недела американскиот Сенат одобри помош од 60 милијарди долари за Киев.
Сепак, поддршката за Украина се намалува кај многу конзервативци и не е сосема јасно дали мерките за помош ќе ја добијат поддршката од Претставничкиот дом, каде што републиканците имаат мнозинство.