Нови 17 случаи на голема кашлица се пријавени во последните седум дена, од 9 до 15 февруари, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Тоа е зголемување од 21 отсто во однос на претходната недела.
Сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број се на возраст од 10 до 19 години, информираат од ИЈЗ.
Според податоците, од новите 17 случаи, пет случаи се хоспитализирани, од кои три деца на возраст до четири години, и по едно во возрасна група од 5 до 9 години и од 10 до 14 години.
Од ИЈЗ посочуваат дека од добиените податоци од центрите за јавно здравје низ целата земја во периодот од 18 јануари до 14 февруари пронајдени се 4.197 деца пропуштени за вакцинација.
Во јануари годинава беше пријавен првиот случај со голема кашлица, а заклучно со вчерашниот ден во ИЈЗ се регистрирани вкупно 39 случаи. Најголем број од граѓаните кои се заболени со голема кашлица живеат во Скопје - 33 случаи, три лица во Куманово, двајца во Гостивар и еден во тетовско Боговиње.
Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфекција може да предизвика дополнителни компликации.