Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски на 16 февруари на социјалната мрежа „Х“ соопшти дека е „ужаснат од смртта на рускиот политичар Алексеј Навални“.
„Тажен ден за демократијата, човештвото изгуби цврст активист за човекови права. Срдечно сочувство до неговата сопруга Јулија и неговите деца“, напиша Пендаровски на „Х“, додека присуствува на Минхенската безбедносна конференција.
Претходно денеска руските медиуми повикувајќи се на Федералната затворска служба, јавија дека рускиот опозициски лидер, 47-годишниот Алексеј Навални, кој издржуваше затворска казна во казнена колонија во Сибир, е пронајден мртов.
За смртта на Навални, на „Х“ се огласи и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој напиша дека е шокиран од смртта на Алексеј Навални.
„Неговиот немилосрден стремеж за правда и борба за демократија во Русија инспирираше милиони. Рускиот режим ја има одговорноста за неговата трагична смрт. Срдечно сочувство до неговото семејство и најблиските“, напиша министерот Османи на „Х“.
По веста за смртта на Навални, реакции стигнаа и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, лидерите на ЕУ и на европските земји, од високи американски функционери, од претседателот на Украина, Володимир Зеленски , чија земја е под инвазија на Русија...
Видете и ова: Столтенберг - Русија мора да одговори за околностите за смртта на Навални
Навални за малку ќе умреше од труење со нервен агенс во 2020 година, за што ги обвини руските безбедносни оперативци кои, како што рече, дејствуваат по наредба на Путин.
Кремљ негираше дека на кој било начин е вмешан во труењето на Навални.
Тој беше приведен на 17 јануари 2021 година на аеродромот во Москва по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше од нападот.
Потоа беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на претходното условно ослободување додека се опоравуваше во странство.
Во март 2022 година, Навални беше осуден на девет години затвор за наводно непочитување на судот и проневера. Тој и неговите поддржувачи постојано го отфрлаа тоа обвинение како политички мотивирано.
Во август минатата година казната му беше продолжена на 19 години и беше испратен во затворот „Поларен волк“, еден од најстрогите во рускиот затворски систем.