Арбан Таравари, кој се уште е лидер на Алијанса за Албанците, за вечерва (16 февруари)закажа конгрес на партијата.
Тој на конгресот сака да го разреши Зијадин Села, кој е поранешен претседател на партијата и актуелен прв човек на Централното собрание.
Во партијата, која е дел од владејачкото мнозинство, има раскол, откако Таравари се приклони кон партиите кои се дел од албанскиот опозициски блок. Тој вчера најави и дека ќе биде кандидат на албанската опозицијата за претседател на државата.
Видете и ова: Арбен Таравари е претседателскиот кандидат на албанската опозицијаЗијадин Села се спротивстави на идеите на Таравари и минатиот викенд иницираше негова смена. Села за в недела (18 февруари) закажа конгрес на кој ќе се расправа за разрешување на Таравари.
По расколот во Алијанса беа сменети двајца министри, кои се од крилото на Таравари, министерот за здравство Фатмир Меџити и за администрација Азир Алиу.
Видете и ова: Собранието ги разреши министрите Фатмир Меџити и Азир АлиуПриврзаниците на Таравари, денеска на прес -конференција обвинија дека Села на собирот минатиот викенд го прекршил партискиот статус и дека затоа одлуките што ги донел се нелегитимни. Од крилото на Таравари велат дека печатот на партијата е кај нив, а Села немал мнозинство за разрешување на Таравари.
„Пред вас ги имам изјавите дадени во нотар од 70 членови кои изјавуваат дека не учествувале на Собранието одржано на 10 февруари годинава. Со ова можеме да заклучиме дека Собранието одржано на 10 февруари немаше доволно 2/3 да се свика Конгресот на 18 февруари, а собранието одржано на 10 февруари немаше ниту половина од членовите, така што Собранието е нелегитимно", рече адвокатот на Алијанса за Албанците, Абидин Абдули.
Приврзаниците на Села, пак, преку соопштение велат дека сè што кажале нивните противници е невистина и е обид за манипулација.
Партијата беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи. Зијадин Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на Алијанса за Албанците на чие чело застана тој.
Видете и ова: Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?
На првиот самостоен настап на парламентарните избори во декември 2016 година, АА освои 35.118 гласови односно три пратенички места. По овие избори, партијата во 2017 година влезе во владина коалиција со СДСМ и ДУИ и доби две министерски места – Арбен Таравари стана министер за здравство, а Сухејл Фазлиу министер за локална самоуправа. Но, за помалку од една година, партијата тогаш ја напушти власта и премина во опозиција. Таравари, во меѓувреме, стана градоначалник на Гостивар по локалните избори во октомври 2017.
На следните парламентарни во 2020, Алијанса настапи во коалиција со Алтернатива и освои 81.620 гласа. Тоа на оваа коалиција и донесе 12 места во парламентот од кои осум ги пополнија пратеници од Алијанса. Партијата предводена од Села остана опозиција, а со коалицискиот партнер од пред изборите се разделија крајот на 2021 кога Алтернатива предводена од Гаши реши да влезе во владата на СДСМ и ДУИ, на местото на тогаш третиот владин партнер Беса.
Во февруари 2023, двајцата партнери си ги заменија местата – Алтернатива отиде во опозиција, а Алијанса влезе во власта.