Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Конференцијата за безбедност во Минхен изјави дека е „тажен и вознемирен“ од извештаите за смртта на Навални.
„Неопходно е да се утврдат фактите, а Русија мора да одговори на сите сериозни прашања за околностите на неговата смрт“, рече тој.
Неговиот коментар доаѓа откако руските медиуми повикувајќи се на Федералната затворска служба, јавија дека рускиот опозициски лидер, 47-годишниот Алексеј Навални, кој издржуваше затворска казна во казнена колонија во Сибир, е пронајден мртов.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен на маргините на конференцијата во Минхен изјави дека Русија е „одговорна“ за смртта на Навални, пренесува Агенцијата Франс Прес.
„Неговата смрт во руски затвор, оваа фиксација и страв од еден човек, само ја истакнува слабоста и гниењето во срцето на системот што Путин го изгради“, рече Блинкен.
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, за време на интервју за американското Национално јавно радио, веднаш по објавувањето на веста, рече дека смртта на Навални, доколку се потврди, е „страшна трагедија“.
„Долгата и гадна историја на руските власти кои се обидуваат да им наштетат на своите противници покренува вистински, очигледни прашања. Ние активно бараме потврда за смртта“, додаде тој.
Британскиот премиер Риши Сунак го нарече инцидентот огромна трагедија.
„Како најжесток бранител на руската демократија, Алексеј Навални покажа неверојатна храброст во текот на животот“, рече Сунак во објавата на социјалната мрежа X.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Навални „ја платил храброста со својот живот“, додека францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне напиша на мрежата „Х“ дека „смртта на [Навални] во казнената колонија нè потсетува на реалноста на режимот Владимир Путин“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вели дека претпоставува дека Навални е убиен и дека рускиот претседател е одговорен.
„Очигледно ми е: тој беше убиен. Како илјадници други кои беа мачени до смрт поради една личност“, рече Зеленски, преку преведувач, за време на средбата со германскиот канцелар.
Литванската премиерка Ингрида Симоните за РСЕ за време на Минхенската безбедносна конференција во Германија изјави дека „многу е комплицирано да се потврди веста, бидејќи доаѓа од земја како Русија“.
„Ако ме прашате дали сум изненаден дали тоа е вистина, се разбира дека не сум, за жал, бидејќи знаеме дека режимот во Кремљ е убиствен режим, во основа, кој би ги нападнал оние што ги смета за свои непријатели. луѓе кои имаат различни мислења за развојот на Русија и нивните односи со остатокот од светот“, рече Симоните.
Лидерите на Европската унија на 16 февруари соопштија дека смета оти рускиот претседател Владимир Путин е единствен одговорен за смртта на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални. На социјалната мрежа Х, по смртта на Навални се огласија претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент.
Навални за малку ќе умреше од труење со нервен агенс во 2020 година, за што ги обвини руските безбедносни оперативци кои, како што рече, дејствуваат по наредба на Путин. Кремљ негираше дека на кој било начин е вмешан во труењето на Навални.
Тој беше приведен на 17 јануари 2021 година на московскиот аеродром по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше за тој напад, и беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на неговата претходна условна слобода, додека се опоравуваше во странство.
Во март 2022 година, Навални беше осуден на девет години затвор за наводно непочитување на судот и проневера. Тој и неговите поддржувачи постојано го отфрлаа тоа обвинение како политички мотивирано.