Лидерите на ЕУ велат дека рускиот режим е „единствено одговорен“ за смртта на Навални

Дарија Навалнаја, ќерка на Алексеј Навални, за време на врачувањето на наградата Сахаров на рускиот опозициски лидер, Стразбур, Франција, 15 декември 2021 година.

Европската унија на 16 февруари соопшти дека смета оти рускиот претседател Владимир Путин е единствен одговорен за смртта на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.

Рускиот опозициски лидер, 47-годишниот Навални, кој издржуваше затворска казна во казнена колонија во Сибир, е пронајден мртов, јавуваат руските медиуми повикувајќи се на Федералната затворска служба.

„Алексеј Навални се бореше за вредностите на слободата и демократијата. За своите идеали ја даде најголемата жртва“, напиша претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека „ЕУ верува дека рускиот режим е единствениот одговорен за оваа трагична смрт“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на мрежата Х изјави дека веста за смртта на Навални е „темен потсетник за тоа какви се Путин и неговиот режим во суштина“.

„Путин од ништо повеќе не се плаши отколку од бунтот на сопствениот народ“, напиша таа.


Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, која на Навални му ја додели наградата Сахаров во 2021 година, највисоката награда во борбата за човекови права, рече дека неговата „храброст ќе одекнува низ генерациите“.

„Русија му ја одзеде слободата и животот, но не и достоинството. Неговата борба за демократија е сè уште жива“, рече Мецола.

Навални за малку ќе умреше од труење со нервен агенс во 2020 година, за што ги обвини руските безбедносни оперативци кои, како што рече, дејствуваат по наредба на Путин. Кремљ негираше дека на кој било начин е вмешан во труењето на Навални.

Тој беше приведен на 17 јануари 2021 година на московскиот аеродром по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше за тој напад, и беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на неговата претходна условна слобода, додека се опоравуваше во странство.

Во март 2022 година, Навални беше осуден на девет години затвор за наводно непочитување на судот и проневера. Тој и неговите поддржувачи постојано го отфрлаа тоа обвинение како политички мотивирано.

Во август минатата година казната му беше продолжена на 19 години и беше испратен во затворот „Поларен волк“, еден од најстрогите во рускиот затворски систем.