МВР: Не доаѓајте во МРТВ и ПС Пролет, ако не сте добиле порака дека пасошот ви е готов

илустрација

Од понеделник (19 февруари 2024) граѓаните кои се фотографирале за пасош во објектот на МРТВ или во ПС Пролет ќе добиваат СМС-порака дека документот им е готов за да дојдат да го подигнат.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека го воведува овој начин на известување за да се олесни процесот за подигање готови патни исправи.

Исто така, граѓаните ќе можат на интернет-страницата mvr.gov.mk да проверат дали нивниот пасош е готов.

„Ова важи за граѓаните кои се фотографирале во објектот на МРТВ или во ПС Пролет. Граѓаните кои се фотографирале во другите пунктови во Скопје или во другите градови, готовите пасоши ќе ги подигаат на ист начин како и досега“, соопштија од МВР.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во соседните држави, засега без проблем со важечки лични карти со старото име, но, без нови пасоши никаде

Министерството ги замолува граѓаните да не доаѓаат во објектот на МРТВ доколку не добиле СМС-порака или ако на веб-страницата на МВР нема потврда дека нивниот пасош е изготвен.

Од 13 февруари македонските државјани кои немаат лични документи со новото име на државата Северна Македонија, не можат да ја напуштат земјата. Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година.

Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име на државата, па граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени.