Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петок (16 февруари) допатува во работна посета на Германија, соопшти неговиот официјален канал Телеграм, каде што објави слика од аеродромот на која е заедно со украинскиот амбасадор во Берлин и претставник на германското Министерство за надворешни работи.
Украинскиот лидер се среќава со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин и продолжува во Париз за да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Се очекува Германија и Франција за време на посетата на украинскиот претседател да потпишат билатерални договори за безбедносни обврски со Украина.
Билатералните договори за безбедност и долгорочна поддршка следуваат по безбедносниот договор меѓу Украина и Обединетото Кралство, потпишан кога британскиот премиер Риши Сунак го посети Киев минатиот месец. Тој договор важи за следните десет години.
Во сабота, Зеленски, исто така, ќе присуствува на Минхенската безбедносна конференција, годишен собир на високи безбедносни и надворешнополитички функционери, каде што, меќудругите, планира средба и со потпретседателката на САД, Камала Харис.
„Ние правиме максимални напори да се осигураме дека овие договори се важни за Украина и уверен сум дека ќе бидат. Развиваме нова безбедносна архитектура за нашата земја која ќе ни користи не само овде и сега, туку и понатаму. Ова е нешто што Украина никогаш го немала, а секогаш и требало“, напиша Зеленски.
Видете и ова: Почнува годишната безбедносна конференција во МинхенНе се објавени детали за договорот со Германија и Франција, но најверојатно тој ќе наликува на десетгодишниот безбедносен договор што Украина го потпиша со Велика Британија.
Во последните денови, европските сојузници апелираа до Конгресот на САД да одобри пакет кој вклучува помош за Украина, сума во вредност од 60 милијарди долари која најмногу би била наменета за американските одбранбени субјекти за производство на проектили, муниција и друга воена опрема што се испраќа на боиштата во Украина.
Шолц отпатува за Вашингтон пред седум дена за да ја нагласи потребата од итно одобрување на американските фондови. Германија сега е вториот најголем снабдувач на воена помош за Украина по САД, а Шолц неодамна ги повика другите европски земји да ја засилат испораката на оружје.