Гугл почнува кампања против дезинформации пред изборите во ЕУ

илустрација

Гугл се подготвува да започне кампања против дезинформации во пет земји од Европската Унија, изјави компанијата за Ројтерс пред парламентарните избори во блокот и построгите нови правила кои се однесуваат на интернет содржините.

Во јуни, граѓаните на ЕУ ќе изберат нов Европски Парламент кој ќе донесе политики и закони во заедницата, а законодавците стравуваат дека ширењето на дезинформации на интернет може да влијае на гласачите. Франција, Полска и Германија ја обвинија Русија дека составила елаборирана мрежа на веб-страници за ширење проруска пропаганда.

Европскиот закон за дигитални услуги, кој стапува на сила во февруари, ќе бара од многу големите интернет платформи и пребарувачите да направат повеќе за борба против нелегалната содржина и ризиците за јавната безбедност.

Почнувајќи од оваа пролет, внатрешната единица на Google - Jigsaw, која работи на справување со онлајн заканите, ќе лансира серија анимирани реклами на платформи како Тикток и Јутјуб во пет земји на ЕУ: Белгија, Франција, Германија, Италија и Полска.

Видете и ова: „Војната во Украина“ - плодна тема за ширење дезинформации

Надоврзувајќи се на претходните кампањи што компанијата ги тестираше во Германија и Централна Европа, Jigsaw соопшти дека новиот проект е можност да се допре до граѓаните во земјите со најголем број гласачи во ЕУ, користејќи ја локалната експертиза на компанијата во тие региони.

Рекламите ќе содржат таканаречени техники за „пребанкинг“, развиени во партнерство со истражувачи од универзитетите во Кембриџ и Бристол, за да им помогнат на гледачите да забележат манипулативна содржина пред да се сретнат со неа.

Од гледачите кои ги гледаат рекламите ќе биде побарано да пополнат краток прашалник со повеќекратен избор дизајниран да процени што научиле за дезинформациите.

„Поминавме толку многу време на овие навистина поларизирани дискусии. Нашата демократија е загрозена, а ситуацијата станува се поостра и потешка“, рече Бет Голдберг, шеф на истражување во единицата Jigsaw.

Видете и ова: Истрага на ЕУ против платформата „Х“ и наводното ширење дезинформации

Други мерки за контрола на дезинформациите, како што е проверката на фактите, може да придонесат за поларизација бидејќи тие доаѓаат откако информацијата веќе се проширила, додаде таа.

Минатиот месец, истрагата на ЕЕАС (Служба за надворешна акција на Европската унија) откри 750 инциденти на дезинформации намерно ширени од странски актери, од кои многумина ја поддржуваат руската инвазија на Украина. Рекламите на Jigsaw ќе бидат преведени на сите 24 официјални јазици на ЕУ, објави компанијата.

Кампањата ќе трае најмалку еден месец, со цел да се продолжи врз основа на досегот и перформансите. Резултатите од кампањата, вклучително и одговорите на анкетата и бројот на дофатени луѓе, се очекува да бидат објавени летото 2024 година.