Американскиот претседател Џо Бајден повторно му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека не треба да продолжи со воена акција во Рафа без кредибилен и спроведлив план за заштита на палестинските цивили, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери синоќа (15 февруари) разговараа по вторпат за помалку од една недела, при што Бајден повторно го предупредил Нетанјаху да не започнува операции во јужниот дел на Газа без безбедносен план за околу еден милион луѓе кои се засолниле таму.
Видете и ова: Бајден го повика Израел да ги заштити цивилите во Рафа„Тие, исто така, разговараа за тековните преговори за ослободување на заложниците, при што Бајден вети дека ќе продолжи да работи деноноќно за да им помогне на луѓето кои поминале 132 дена во заробеништво на Хамас“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Претходно овој месец, Бајден рече дека воениот одговор на Израел во Газа е „претеран“ и изрази голема загриженост поради се поголемиот број цивилни жртви во палестинската енклава.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пред најавената операција во градот Рафа во јужниот дел на Газа, вети „безбеден премин“ на цивилите раселени таму, откако израелските соседи и посредниците предупредија на катастрофа доколку Израел изврши копнена инвазија на градот, кој е дом на повеќе од половина од населението на опколената палестинска територија.
И покрај меѓународната тревога за можноста за масакр во Рафа, каде што се засолнети повеќе од половина од 2,4 милиони жители на Појасот Газа, Нетанјаху во интервју за американскиот АВЦ Њуз ја повтори својата намера во овој град да ја прошири израелската воена операција против Хамас, кој САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација.