Австралискиот премиер Ентони Албанес во четвртокот, 15 февруари, рече дека се надева на пријателски крај на кривичниот прогон на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откако пратениците го засилија притисокот врз Соединетите Држави и Велика Британија со усвојување на предлог со кој се повикува овој австралиски државјанин да се врати во неговата татковина.
Албанес во парламентот рече дека во прашање се деновите пред Високиот суд во Лондон да ја разгледа жалбата на Асанж против екстрадицијата во САД поради обвиненијата за шпионажа
„Се надевам дека ова може да се реши на пријателски начин. Не е на Австралија да се меша во правните процеси на другите земји, но соодветно е да ја искажеме нашата многу силна позиција дека тие земји мора да ја земат предвид потребата да се доведе ова до крај“, рече Албанес.
„Без разлика каде се луѓето, оваа работа не може да трае бесконечно“, додаде австралискиот премиер.
Видете и ова: САД го одбија повикот на австралиската влада за запирање на гонењето на Џулијан АсанжСопругата на Асанж на прес-конференција во Лондон изјави дека претстојното рочиште е прашање на „живот и смрт“ бидејќи здравјето на нејзиниот сопруг во затворот продолжува да се влошува и таа се плаши дека тој ќе умре зад решетки.
„Неговиот живот е во опасност секој ден колку подолго останува во затвор“, изјави Стела Асанж.
„Ако биде екстрадиран, ќе умре“, додаде таа.
Асанж се соочува со дводневно сослушување кое започнува во вторник во Високиот суд за тоа дали неговата жалба за екстрадиција треба да биде целосно уважена. Ако загуби во таа фаза, ќе ги исцрпи сите правни лекови во Англија, а неговите поддржувачи стравуваат дека може брзо да биде испратен во САД пред да може да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права.
Албанес беше меѓу 86-те пратеници кои гласаа за предлогот со кој се повикуваат Соединетите Американски Држави и Велика Британија да го „завршат процесот за да може Асанж да се врати дома кај своето семејство во Австралија“.
Против беа 42 пратеници, вклучително и мнозинството од најголемата опозициска партија која неуспешно предложи амандмани на предлогот.
Лидерите и на власта и на опозицијата јавно изјавија дека потрагата на САД по Асанж (52) се одолговлекува.
Асанж се наоѓа во затворот Белмарш во Лондон кој е со висок степен на безбедност, откако беше уапсен во 2019 година за прекршување на кауцијата за време на правна битка што ја води таму.
Пред тоа, тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска под обвинение за силување и сексуален напад. Шведска се откажа од истрагата за силување во 2019 година бидејќи поминало премногу време.
Братот на Асанж, Габриел Шиптон, во четвртокот го поздрави гласањето на пратениците, додавајќи дека неговиот озлогласен брат потенцијално би можел да биде екстрадиран во САД следната недела.
„Тоа значи дека сите врски со неговото семејство, неговиот спас што го одржува во тој затвор, ќе бидат прекинати и тој ќе биде изгубен во ужасниот затворски систем на САД“, изјави Шиптон пред новинарите во парламентот.
„Парламентот ја даде својата поддршка во клучен момент и сега и дава на владата вистински мандат да изврши притисок многу, многу силно за политичко решение за да го врати Џулијан Асанж дома“, додаде Шиптон.
Видете и ова: Шведска ја прекина истрагата против Асанж за силувањеПратеникот Ендрју Вилки, кој ја покрена иницијативата, тврди дека треба да се откаже екстрадицијата.
Но, јазикот на австралиската влада е повнимателен. Повторените повици на Австралија обвиненијата да се „доведат до заклучок“ ја оставаат отворена можноста за спогодба за признавање вина што би значело дека Асанж не мора да остане во затвор.
Случајот со Асанж се смета за тест за позицијата на Албанес во односите со администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го отфрли ставот на Албанес за време на посетата на Австралија минатата година, велејќи дека Асанж бил обвинет за „многу сериозни кривични дела“ со објавувањето на мноштво доверливи американски документи пред повеќе од една деценија.
Асанж се соочува со 17 точки од обвинението за шпионажа и едно обвинение за злоупотреба на компјутери поради објавувањето на стотици илјади доверливи дипломатски и воени документи од страна на Викиликс пред повеќе од една деценија.
Американските обвинители тврдат дека тој и помогнал на разузнавачката аналитичарка на американската армија Челзи Менинг да украде доверливи дипломатски телеграми и воени досиеја кои подоцна беа објавени од Викиликс, ставајќи животи во опасност.
Австралија тврди дека постои расчекор помеѓу американскиот третман на Асанж и Менинг. Тогашниот американски претседател Барак Обама ја преиначи 35-годишната затворска казна на Челзи Менинг на седум години, дозволувајќи и нејзино ослободување во 2017 година.