По најавениот прекин на јавниот градски превоз во главниот град за утре, 16 февруари, поради неисплатени плати, од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, излегоа со тврдења дека „платите на вработените не доцнат“.
Оттаму тврдат дека „платите се исплаќаат редовно во тековниот месец“ правејќи споредба со други институции каде се доцни.
„Платите во ЈСП Скопје се на одобрување со доставени пресметки од овој месец со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа. Веруваме дека повторно постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза таму каде што не постои“, се наведува во соопштението од ЈСП кое го пренесува државната агенција МИА.
Синдикатот на ЈСП, пак, на прес-конференција денеска попладне најави дека од утре (16 февруари) од 4:30 ќе нема градски превоз во Скопје.
Видете и ова: Синдикат на ЈСП: Утре ќе нема јавен градски превоз во Скопје„Не се договоривме така со градоначалничката, со директорот. Советот на Град Скопје си ја заврши својата работа, ја донесе одлуката (за субвенции). Остана сега парите да се префрлат и платата да си биде во редовен рок. Меѓутоа, бидејќи чекаме до 14:30 часот кога е последниот миг да се префрлат парите во ЈСП и да легнат на сметката на вработените, тоа не се случи. Вработени експресно реагираа и ги информираме граѓаните дека вработените одлучија утре јавен градски превоз да нема“, рече претседателот на синдикатот, Миќо Стојановски.
Според неговата изјава, нема да работат билетарниците, контролорите, работилниците и возачите.
За неисплатена плата вработените во ЈСП реагираа и во јануари, стапија во штрајк и на неколку часа го прекинаа возењето, но на итна седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука за субвенции.