Амсадорката на САД, Анџела Агелер, смета дека Северна Македонија ги докажала своите вредности како лојална членка на НАТО и пружила помош на Украина повеќе од тоа што го направиле други побогати земји.
Во интервју за Канал 5 телевизија таа се заблагодари на граѓаните и институциите во земјава што, преку НАТО и на други начини, ја поддржале Украина и нејзините напори против, како што рече, „ужасната, бруталната и крвавата инвазија на Русија и (Владимир) Путин“.
„Северна Македонија е четвртата земја по број на жители, што и помогна на Украина и тоа не само со воена опрема, туку и преку други начини на асистенција. Ние сме многу благодарни, искрено други поголеми и побогати земји не помогнаа на начин на кој помогна оваа земја“, рече Агелер.
Во однос на американската помош за Украина, пак, таа потсети дека Сенатот пред неколку дена одобрил помош од 61 милијарда долари и оти сега на ред е Претставничкиот дом.
„Она што е важно е дека во САД, исто како и во Северна Македонија, имаме избори оваа години и затоа секогаш ќе има определени актери, политичари, кои ова прашање ќе го искористат за добивање политички поени, преку правењето ова прашање да биде контроверзно. Јас силно верувам дека граѓаните на САД силно ја поддржуваат Украина, заштитата на нивниот суверенитет и обидите да се заврши војната, затоа сум прилично убедена дека ќе продолжиме со помошта, исто како што сум убедена дека граѓаните на оваа земја ќе ги направат истото“, рече Агелер зборувајќи за тоа колку претстојните претседателски избори во САД може да влијаат на американската помош за Украина.
Амбасадорката во интервјуто посочи дека последиците од инвазијата на руските сили во Украина се чувствуваат во целиот свет, а за опасноста од прелевање на војната преку други граници таа потенцираше дека е потребно да се знае оти „НАТО ги заштитува своите земји-членки“.
Агелер зборуваше и за опасноста од хибридните закани во пресрет на изборите во Северна Македонија посочувајќи дека имало руско влијание и за време на претходните избори во САД и нагласи дека „тие се многу активни и ја користат секоја можност за да шират хаос“. Затоа, потенцираше Агелер, важно е граѓаните на Северна Македонија да се едуцираат за ова прашање, да поставуваат прашања за политичарите и кандидати и да знаат да ја препознаат вистината од лажните вести.
Војната во Украина, која започна со руската инвазија во 2022 година, во онлајн медиумите во Северна Македонија е најзастапената тема околу која се пласирале најголем број дезинформации во 2023 година, покажува истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“.
За потребите на анализата, од „Метаморфозис“ следеле написи во домашните онлајн медиуми, но и објави на социјални мрежи во периодот од јануари до септември 2023 година, за кои имало сомнежи дека содржат дезинформации поврзани со странски влијанија во земјава.
Анализата покажа дека имало 450 написи поврзани со војната во Украина кои имале наратив на дезинформација. Понатаму, 350 написи биле антизападни, 250 поврзани со ЕУ – интеграцијата на земјава, 100 поврзани со ЛГБТ заедницата, а 50 за вакцинација и 30 теории на заговор.