Министерот за надворешни работи на Хрватска: Протестната нота на Србија треба да се игнорира

Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман (фотоархива).

Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман изјави дека протестната нота на Србија поради палењето на кукла со ликот на претседателот Александар Вучиќ на карневалот во Каштел Стари кај Сплит „треба да се игнорира“.

Тој, како што јави хрватската агенција Хина, нагласил дека карневалите и палењето на карневалските кукли се дел од обичаите и традициите во Хрватска и немаат никаква врска со државните институции.

„Таму нема што да се одговори. Тоа треба да се игнорира. Ќе видам што пишува во таа белешка“, изјави Радман Грлиќ на новинарите во Загреб на 15 февруари.

Коментирајќи го овој случај, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече: „Кога знаеме дека запалиле куќи и црква, што недостасува да запалат кукла“.

Видете и ова: Србија со протестна нота до Хрватска поради запалена кукла со ликот на Вучиќ

Хрватскиот министер смета дека реакцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ била „невообичаена и проблематична“.

Грлиќ Радман оцени дека Вучиќ „кажал многу работи што не се во ред“.

„Добрососедските односи се постигнуваат преку дијалог и соработка. Мислам дека Србија има многу причини да се ангажира малку повеќе“, заклучи шефот на хрватската дипломатија.

Министерството за надворешни работи на Србија на 14 февруари испрати протестна нота до Амбасадата на Хрватска во Белград поради палење на кукла со ликот на српскиот претседател.

Беше оценето дека станува збор за „апсолутно неприфатлив чин, кој е во спротивност со заеднички изразената определба за целосна нормализација на односите и подобрување на сеопфатната соработка“.

Хрватските медиуми претходно објавија дека на карневалот во Каштел биле запалени кукли со ликот на претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин.