Ховениер: Одлуката на косовската влада за укинување на динарот се одрази на односите со САД

Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер.

Амбасадорот на САД во Косово Џефри Ховениер повторно побара одложување на уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК) за укинување на српскиот динар, со цел да се воспостави процедура за исплата на примањата од српскиот буџет за припадниците на српската заедница.

„Воспоставувањето на таква процедура мора да се разговара во рамките на дијалогот. Бараме Косово и Србија да бидат конструктивни по ова прашање“, рече Ховениер на прес-конференцијата пред американската амбасада во Приштина.

Тој подвлече дека одлуката на Косово да ја спроведе одлуката на Централната банка на Косово за забрана на српскиот динар влијае на квалитетот на односите меѓу САД и Владата на Косово и потсети дека пораките на американските претставници по ова прашање се јасни.

Видете и ова: Ескобар: Еднострани потези во односите меѓу Србија и Косово ќе имаат последици

Ховениер изрази очекување дека Владата на премиерот Курти ќе се заложи за изнаоѓање решение во соработка и координација со САД, наместо да прави еднострани потези.

„Секоја сугестија дека партнерството меѓу Косово и САД не е загрозено и нема да биде загрозено од оваа ситуација, морам да бидам јасен, тоа едноставно не е точно“, рече тој.

Претходно, американскиот државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, на 13 февруари изјави дека Владата на Косово го загрозила нејзиното партнерство со САД поради одлуката за забрана на српскиот динар.

„Јавно не упатувам нејасни закани. Би рекол, ако не бидеме третирани како партнери, нема ни ние да ја третираме владата на Косово како партнер“, рече О’Брајан во интервју за Гласот на Америка.

Сепак, премиерот на Косово Албин Курти ги отфрли овие наводи, истакнувајќи дека ги смета САД за најважен партнер.

„Косово нема поважен партнер, сојузник и пријател од САД. Сметам дека е така и (според тоа) соработувам како премиер на Косово“, рече Курти.

Централната банка на Косово одлучи единствено средство за готовина и платежни трансакции да биде еврото, со што го укина српскиот динар. Оваа одлука, која стапи во сила на 1 февруари, претходните денови беше критикувана од други западни земји со барање да се одложи нејзината примена.

Видете и ова: Курти: Не можеме да ја промениме одлуката за српскиот динар

Припадниците на српската заедница добиваат различни приходи од српскиот буџет во динари, а меѓународната заедница предупреди дека одлуката на Косово да го укине динарот може да ги зголеми етничките тензии.

Централната банка на Косово тогаш на 12 февруари објави дека преодната фаза од спроведувањето на нејзината регулатива не може да трае подолго од три месеци.

Народната банка на Србија со години испраќаше динари во својот трезор во општина Лепосавиќ на северот на Косово, од каде парите до финансиските институции кои работат во српскиот систем, како што се Поштата или банката Поштанската штедионица, ги пренесуваше меѓународната компанија Хендерсон.

Сега Централната банка на Косово наведува дека оваа практика е незаконска, бидејќи само таа може да извезува и увезува монети и банкноти на територијата на Косово.