Претседателот на Алијанса за Албанците (АА) и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари денеска (15 февруари) објави дека ќе биде кандидат за претседател на државата.
Неговата кандидатура, како што рече, е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП).
„Привилегија е да се има доверба од толку многу фактори. Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички туку вистински“, рече Таравари на прес-конференција во Гостивар, на која присуствуваат лидерите на трите партии од ЕСП, Изет Меџити на Демократско движење, Африм Гаши на Алтернатива и Билал Касами на Движење Беса.
Најави дека ќе побара поддршка од сите политички партии што сметаат дека тој е човекот што треба да ја предводи државата во следните пет години, како и од невладините организации.
Видете и ова: Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?Тој ќе се кандидира со доставување на 10 000 потписи, кои очекува да ги собере за два дена.
„Предлогот е од пред еден месец, инсистирањето беше од пријатели, другари, истомисленици, седнавме со партиите од опозицијата, сега сме веќе заедничка албанска опозиција, во сабота ќе го официјализираме ова, и дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да се кандидирам за претседател. Јас одлучив доцна синоќа да се кандидирам“, рече Таравари, наведувајќи и дека ќе продолжи да ја извршува градоначалничката функција, како што посочи, додека не биде избран за претседател.
Неговата кандидатура доаѓа во време на внатрепартиски тензии во АА кои почнаа откако поранешниот претседател на Алијансата Зијадин Села му се спротистави на актуелниот лидер Таравари во намерата на изборите да настапат како опозиција заедно со ЕСП. Села смета дела АА треба да има самостоен настап на изборите во мај.
На 18 февруари на партиски конгрес на Алијансата за Албанците ќе се одлучува за иницијативата за разрешување на Таравари од позицијата претседател на партијата.